Спроведувањето на реформи е вистинскиот патоказ за целосна реализација на нашата евроатланска интеграција. ЕУ е приоритет за Владата и Министерството за финансии и имаме цврста определба за реализирање на Реформската агенда поврзана со Планот за раст.
Ова го констатира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на средба со новиот амбасадор на ЕУ во земјава Микалис Рокас на кој му посака добредојде и успeшен мандат.
„Напредокот во остварување на реформите отвора можности за зголемени инвестиции и финансирање од буџетот на ЕУ, вклучително и во големите инфраструктурни проекти, со што би се забрзал и процесот за намалување на економските и социјални диспаритети на земјата во однос на тој на ЕУ. Затоа фокусот ќе биде ставен на реформите и реформската агенда за приближување на земјата до ЕУ и обезбедување подобри услови и повисок стандард за граѓаните“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
На средбата стана збор за активностите поврзани со реализација на Планот за раст. Министерката информира дека Реформската агенда на земјата е усвоена од страна на Владата и дека е доставена до ЕК по што се очекуваат следните чекори од процесот и одобрување на средства од страна на ЕУ за реализација на домашната агенда. Основната цел на Реформската агенда е засилено спроведување на реформите преку забрзување на усогласувањето со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на јавниот сектор на Унијата, обезбедување негово транспарентно управување, развој на конкурентна и зелена економија и поддршка на процесот на пристапување со поглед на идното членство во Унијата.