Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска рече дека земјава пристапува кон фискална консолидација побрзо од она што било планирано во 2024 година. Таа додаде дека се очекува до крајот на април да биде завршена фискалната стратегија за следните пет години врз чија основа потоа, како што е предвидено или со забрзано темпо ќе може да се елиминираат прекршувањата во рамки на Законот за буџети или на фискалните правила.
Буџетскиот дефицит, според министерката е се уште проектиран на над три отсто, а јавниот долг во овој момент е под 60 проценти.
Министерката истакна дека има одлична соработка со Фискалниот совет и секогаш ги смета за добредојдени неговите сугестии кои многу често, истакна, се совпаѓат и со нејзините заклучоци.
-Генерално, во однос на одредени потенцирани фискални ризици што Советот ги кажува и ние се согласуваме дека постојат и како резултат на тоа преземаме мерки за да се справиме со нив. Фискалната стратегија што беше подгтовена од Министерството за финансии во септември 2024-та имаше за цел фискална консолидација која не може да се постигне преку ноќ зашто кога сте имале прекумерни трошења и прекршувања на овие правила подолг период, потребно е време за да се спроведе таа фискална консолидација, нагласи Димитриеска Кочоска.
Министерката при тоа потсети дека во 2024 година отстапувањето од фискалните правила е поради недоволно обезбедени средства за обврски кои биле преземени од претходната Влада, како и доспеани и неплатени обврски кои беа сервисирани преку Ребаланс на Буџетот.
„Во 2025 година отстапувањето од ова правило е во функција на развојот и реализација на инвестициите, како што се Коридор 8 и 10 (0,8% од БДП), локални инфаструктурни проекти (0,6% од БДП) и инвестиции во одбраната (0,5% од БДП)“, истакна министерката.
Таа потенцира дека се работи на реформите во јавните финансии, донесени се повеќе подзаконски акти, покрај Законот за буџети, и дека во спроведување на тие реформи важна улога има и Фискалниот совет, со кој има воспоставена континуирана соработка, а кој како независна институција обезбедува независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, фискалната стратегија, буџетот, извештаите за реализација на буџетот, фискалните ризици и слично кои можат да имаат придонес при креирањето на политиките.