Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска во Министерството за финансии оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
На средбата беше истакнато значењето на поддршка што Министерството за финансии и севкупно ја добива земјава од САД и дека таа подддршка и соработка ќе се зајакнува.
„САД се стратешки партнер на земјава и тоа стратешко партнерство кое во континуитет се одржува од независноста ќе продолжи и во иднина. Тоа е значајно и клучно за унапредување на демократските процеси во земјава, владеење на правото, економски просперитет и обезбедување поголема стабилност и развој на земјата“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека претстои многу работа и дека со силна посветеност ќе се пристапи кон спроведување на реформите коишто се клучни за иднината на земјата, а во остварувањето на тие реформи значајна е поддршката од стратешките партнери на земјата како САД.
На средбата соговорниците се осврнаа и на поддршката што Министерството за финансии ја добива од Трезорот на САД во градење на капацитетите на институцијата во обезбедување стабилност во јавните финансии и фискална одржливост.