Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска на прес-конференција по повод една година од мандатот на Владата, ги презентираше клучните приоритети и постигнатите резултати на Министерството за финансии во изминатите 12 месеци.
Таа истакна дека првата година од работењето беше посветена на стабилизација на јавните финансии, зајакнување на економската активност и воведување на структурални реформи кои создаваат одржлива и предвидлива фискална рамка.
-Владата, со јасен мандат од граѓаните, ја презеде одговорноста во момент на високи очекувања и ограничени ресурси. Финансиската слика која беше затекната покажа исцрпен фискален простор, значителен раст на јавниот долг, недоволна реализација на капитални инвестиции и разнишана доверба на пазарите.
Првиот сериозен предизвик беше подготовката на ребаланс на Буџетот, веднаш по преземањето на функцијата, кој бараше итно и одговорно прилагодување на расходната страна и обезбедување ликвидност за тековно сервисирање на обврските и непречено функционирање на институциите – рече Димитриеска-Кочоска.
Како што потенцираше министерката, со ребалансот на Буџетот за 2024 година, Министерството за финансии предложи одговорен и развоен пристап, со пренасочување на средствата таму каде што се најпотребни – во здравството, образованието, поддршката на стопанството и во капиталните проекти.
-Исправени беа значителни пропусти од претходниот буџет, меѓу кои и недоволно испланирани средства за законски предвидени права, заостанати обврски и недоволна поддршка за економијата. Реализирана беше редовна исплата на платите и пензиите, со усогласувања согласно закон и реализирање на ветувањето за линеарно зголемување на пензиите – рече министерката.
Истовремено, како што нотираше Димитриеска-Кочоска, беше подготвен Буџетот за 2025 година, кој е прв во новата концепција на фискална консолидација и економски развој. Според неа, Буџетот за следната година носи посебен фокус на капитални инвестиции, на општински проекти, поддршка за приватниот сектор и стратешки насоки за забрзан економски раст.
-Во изминатата година, беше постигната значајна фискална консолидација. Буџетскиот дефицит е намален, а јавниот долг е намален за 36 милиони евра во однос на крајот на 2024 година, со намалување на неговото учество во БДП за 4,7 процентни поени. Тоа беше постигнато во услови кога државата успешно ја отплати Еврообврзницата од 500 милиони евра, ги сервисираше обврските на домашниот пазар во висина од 10,7 милијарди денари, и истовремено го намали задолжувањето во споредба со истиот период лани за 16,4%.
Економската активност, по години на нестабилност, бележи континуиран раст. Последователно три квартали, стапката на раст изнесува околу 3%, што е над проекцијата. Забележан е раст од 2,8% за 2024 година, којшто ја надминува сопствената владина проекција од 2,1%. Важно е што растот не е концентриран само во една гранка, туку се забележува активност во индустријата, услугите, градежништвото и извозот. Истовремено, инфлацијата е значително намалена од 14% на почетокот на 2023 година и е стабилизирана со тенденција на понатамошно намалување – истакна таа.