Димитар Аврамов, 21-годишно момче од Неготино, кое студира и работи во соседна Бугарија, со својата хумана идеја го крена градот на нозе.
Неговиот проект насловен како Хуманитарен маратон – Неготино се буди, е серија од настани кои ќе се организираат во градот во текот на месец февруари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за семејството Најдови од село Долни Дисан,чиј дом е буквално пред распаѓање.
Најавата за проектот, чија цел е да се подаде рака и да се помогне на едно од најзагрозените семејства во Неготинско, предизвика позитивни критики и голема поддршка на социјалните мрежи. Граѓаните се горди на младиот Аврамов и на неговото залагање да внесе светлина во животот на Најдови.
Коментираат дека токму такви млади хуманисти и ентузијасти се она кое што му потребно на Неготино, но и на целото општество. Околу тоа кој е Димитар и како дошол до идејата за хуманитарниот маратон, ,,Фокус” телефонски разговараше со него.
-Трета година сум студент на Факултетот за програмирање во Софија, Бугарија, а истовремено и работам како програмер во една компанија. Идејата да се помогне на луѓето кои се наоѓаат во тешка состојба ми дојде спонтано, уште во времето додека бев средношколец. Неготино е мало место каде сите меѓусебно се знаеме, јасно ни е дека има многу семејства на кои што им треба помош. Седејќи на час, размислував за такви случаеви и се запрашав зошто ние, граѓаните, наместо да го испиеме кафето во некое кафуле, на пример, барем еднаш во месецот тие пари да не ги донираме некому? Од идеја, решив да започнам со реален проект уште пред пет години. Јас сум спортист, шахот и кошарката се мојата пасија. Но, се решив да организирам турнир во одбојка, хуманитарно, бидејќи во градот со тој спорт се занимаваат подеднакво и момчиња и девојки и знаев дека интересот ќе биде голем. Идејата му ја кажав на мојот татко, кој несебично се понуди да ми помогне околу организацијата. И моите пријатели беа воодушевени од идејата, која набргу ја реализиравме. Првата година, успеавме да собереме околу 15.000 денари од турнирот, кои ги дониравме како помош на поплавените лица – раскажува младиот хуманитарец.
Вели дека веќе наредната година целата организација, со стекнатото искуство, одела многу полесно. Собраните средства биле донирани на семејства од селото Криволак и од Дисан. Третата година, парите од турнирот во одбојка биле донирани на семејство од Неготино, и на истото семејство до Д.Дисан за кое сега се подготува хуманитарниот маратон, а четвртата година се донирале на самохрана мајка од Неготино.
-Во неколку наврати бев во посета на семејството Најдови од Долни Дисан. Се работи за тричлена фамилија, мајка, која е со блага ментална попреченост, татко и полнолетен син. Таткото кој има проблеми со видот, работи повремено, јас го запознав додека беше чувар во познато кафуле во градот. Сликите од нивната куќа, ако може да се нарече така, ме оставија без зборови. Немаат никакви услови за достоинствен живот, живеат буквално без кров над главата, во разурнат објект, кој секој момент може комплетно да се сруши. Токму затоа, помошта им е неопходна. Тие слики кои ги затекнав кај нив направија да донесам одлука, годинава, наместо само турнир во одбојка, да се организира нешто поголемо. Мора да им се обезбеди кров над главата на овие луѓе – вели Аврамов.
Тој додава дека разговарал и со претседателот на месната заедница во Долни Дисан за проблемите на семејството. Жителите на селото биле согласни со него дека на Најдови мора да им се помогне, и многу од нив ветиле дека веднаш штом се обезбедат градежни материјали, соселаните заедно ќе започнат да го градат домот на фамилијата.
-Се работи за луѓе кои дури немаат ниту лични карти. Затоа, се отвори сметка за донации на име на нивни близок роднина. Нашата цел е со организирањето на низата хуманитарни настани да се соберат доволно средства за обезбедување на сите потребни градежни материјали и да се започне со работа. Во план ни е ангажирање на градежна фирма, значи семејството нема да ги добие парите на рака, туку сакаме да им дадеме клуч од нивниот нов дом, кој ќе биде достоинствено место за живот – појаснува хуманитарецот.
Додава дека на семејството многу пати му била ветувана државна помош, посебно пред секои партиски избори, но се останало само на ветувања. Настанот Неготино се буди ќе содржи серија на настани, на кои Аврамов ги повикува сите хумани граѓани да присуствуваат. Најавен е турнир во одбојка, хуманитарна забава во ресторан во градот, забава со бендот Ди Капо во кафуле, театарска претстава на Аматерскиот театар ,,Мирка Гинова,, од Демир Капија, турнир во куткање на раце, стимулантка со шахистот Трајче Недев, планинарска и акција и друго.
-Отворени сме за соработка со сите хумани граѓани, со компании кои би сакале да се вклучат и да дадат свој придонес. Секој денар е добредојден. На настаните ќе се наплаќа влезница со симболична цена, ќе има и кутии за донации. Може да се донира и на сметката отворена за семејството. Доколку не се соберат потребните средства, ќе продолжиме со акцијата. Ветив дека Најдови ќе добијат дом каков што заслужува секое човечко битие – тврди Димитар.
Додава дека е благодарен на помошта и поддршката која ја добивал од неговото семејство. Неговиот татко, кој иако редовно одел на работа, го користел секој слободен момент да му помогне во остварувањето на хуманите мисии. И мајка му и сестра му секогаш биле подготвени да дадат свој придонес, исто како и многу негови другари и пријатели.
-Семејството никогаш не ми рекло, сине горди сме на тебе, но таа нивна гордост им ја гледам во очите. И секако во нивното несебично вложување да ја исполнам мојата мисија, уште на почетокот на акциите, пред пет години. Ова е моја идеја, моја иницијатива, но ве молам, напишете дека се се должи на моите пријатели без кои немаше ништо да се оствари – вели скромното момче кое ја воодушеви јавноста со својата визија за еден подобар, хуман свет и покажа дека не треба многу за да се започне со промени. Доволно е да се има чисто срце, желба да се помогне, посветеност и труд, и секако да се биде човек.
Хуманите граѓани кои сакаат да помогнат, може да донираат на сметката за донации: 240197002114139 Уни Банка Милан Најдов.
Вики Клинчарова