Димитар Апасиев (36) е роден во Велес, живее во Скопје и е професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде ги предава предметите Римско право, Историја на правото и Философија на правото.
Стана познат во јавноста пред неколку години како еден од гласноговорниците на движењето за социјална правда „Ленка“, со чии членови и заедно со луѓе од движењето „Солидарност“ пред изборите во 2016 година ја основаше партијата „Левица“ во која, пак, од пред неколку месеци се актуелни внатрепартиски превирања.
Апасиев е врвен оратор и неколкукратен победник на ораторските вечери „Иво Пухан“ на Правниот факултет, неуморен полемичар во дебатите на телевизија и социјалните мрежи, автор на неколку стручни книги, како и на стотици колумни и политички анализи. Тој е истакнат шарен револуционер кој жестоко го критикува СДСМ и кому промената на името му пречи исто толку многу колку што му пречи лажниот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ, како и убеден антикапиталист кој е во брак со професорка по маркетинг и непоправлив легалист кој е совршено свесен за тоталната фарса која е нашиот правен систем.
Иако и партиите од власта и водечките партии од опозиција му се подеднакво „мрски“ сепак јавно повика на излегување на избори во вториот круг и гласање за Гордана Силјановска Давкова. Тоа, како и други актуелни теми со кои е поврзан во изминатиов период, беше повод за разговор со него.
Разговараше: Нено БОГДАН
ФОКУС: Како се случи еден тврд левичар каков што сте вие да ги повика избирачите не само да излезат во вториот круг на гласање, туку и гласот да го дадат за кандидатката на десницата? Нели е тоа малку контрадикторно? Од друга страна, кога се во прашање нашиве „големи“ партии, да се стават тие на оската „левица-центар-десница“ оддамна нема никаква смисла. Па, што имате заедничко вие со „идеологијата“ на Силјановска, а што ве одбива од „идеите“ на Пендаровски?
АПАСИЕВ: СДСМ–ДПМНЕ се две лица на една иста, буржујска партија. Тие се финансирани од нашите транзициски олигарси и крупни капиталисти и заедно со ДУИ се виновни за кошмарот кој го живее Македонија. Оттука, поддршката за Силјановска е строго персонална, а никако про-вмровска! Дотолку повеќе што „повмровски“ кандидат е Пендаровски – тој беше портпарол во првата вмровска влада на Љубчо Георгиевски, па советник во кабинетот на вмровецот Борис Трајковски, а сега е поддржан од рекетарското подземје кое до неодамна беше под контрола на ДПМНЕ, но сега го контролираат властелинските структури на СДС(С)М.
Пендаровски е бирократски лик, со шуплива политичка логика и измеќарски сервилен „мајндсет“, спакуван во божемна фенси урбана обланда. Тој е еден од најистурените социјалдемократски политички фигури кој го промовираат вазалскиот менталитет кон НАТО и ЕУ, со потценување на сопствениот „небањат“ народ. Тој фејкерски елитизам на целата таа црвена буржоазија ми е комплетно туѓ и тотално одвратен. Затоа, тој нема што да понуди.
За разлика од него Силјановска е изграден карактер! Реализирана личност – и приватно, и професионално. Ја познавам уште од студентските денови, кога како апсолвент на „Јустинијан Први“ ја одбрав уставно-правната група. Како професор е еден од најинспиративните на факултет, со огромен и несомнен углед признат дури и од оние кои ја мразат; а како стручњак и научник е ценета од целиот свет, како врвен конституционалист во фелата.
Искрено, не верував дека ќе се нафати да биде кандидат за претседател на Републиката, знаејќи колку ќе биде изложена на плукања, хејтања и говор на омраза од страна на провладините фабрички загари, но штом се нафатила – верувам дека ќе биде одлична прва жена претседателка. Кредибилитетот и докажаниот личен и професионален интегритет и достоинство кои таа ги има е светлосни години пред она на Пендаровски. Тоа народот знае да го препознае.
Било кој друг кандидат на ДПМНЕ ќе им донесеше едвај 200.000 гласови во првиот круг, а таа освои околу 320.000 – што значи дека ги привлекла неопределените, кои секогаш ги одлучуваат резултатите од изборите. Затоа и верувам во нејзината победа. Со Силјановска повеќепати досега сме биле на иста политичка линија: од Форумот за слободна академска комуникација „Сократовци“, преку Професорскиот пленум во време на Режимот, па до нашето отворено правно противење на октроираниот т.е. Преспански договор и кампањата за бојкот на Референдумот за промена на името. Така што, поддршката кон неа е строго принципиелна и личносна – се однесува исклучиво кон неа како човек, а не кон ДПМНЕ како партија со која остануваме идеолошки политички противници.
Последно, но не и помалку важно, е дека во овој клучен историски момент македонското општество не смее да дозволи заевизмот да стане највисок стадиум на груевизмот – т.е. СДССМ да има тотална власт во политиката. Тоа ќе биде погубно за земјата и мора да има институционален систем на „кочници и рамнотежа“.
ФОКУС: Во конфликт не се само големите партии, како интерпартиски така и интрапартиски, туку многу често и малите политички движења. Како пример ја земам вашата партија „Левица“ која иако постигна сосема респектабилен резултат на парламентарните избори (како за нова партија која нема донации од крупниот капитал) и освои дури и неколку советнички места на локалните, за потоа да настане раскол меѓу вас и Здравко Савески. Како дојде до овој буквален „судир на љевици“, и дали корените на тоа се влечат уште од времето на „Ленка“ и „Солидарност“ – т.е дали некогашните „ленкаши“ се денешните „апасиевисти“, а некогашните членови на „Солидарност“ се денешните „здравковисти“? Каква е состојбата во партијата моментално?
АПАСИЕВ: Па, компарацијава – иако вулгаризирана – не е далеку од вистината. Симптоматично е тоа што секогаш кога има избори има и спектакуларни „расколи“ и „пучеви“ во Левица, што само покажува дека тие се добро темпирани, оркестрирани и смислени од еден надворешен центар на моќ, на кој видно му пречиме. Ние досега, во тригодишното постоење на партијата, имавме два неуспешни обида за противзаконито и противстатутарно преземање на Партијата и два обида за да ни се изрече судска забрана за учество на избори!?
Јас не паметам некоја друга мала партија да се соочувала со вакви конструирани опструкции и кризи „на дугме“, што само по себе говори дека големите партии се плашат од потенцијалот со кој располага Левица.
Во врска со најновиот судир со Савески и неговата фанатична дружина, вреди да се истакне податокот дека Здравко беше пасивизиран и комплетно неактивен во Левица скоро година и пол – после Локалните избори. Во тој период на негово отсуство, Партијата го достигна пикот на својата популарност и дупло го зголеми рејтингот и влијанието во јавноста. Станавме нова надеж за луѓето, кои во нас го препознаа излезот од нивната апатија.
Одеднаш, Здравко – кој, во меѓувреме, се вработил во Институтот на Катерина Колозова (една од најгласните поддржувачи на „Преспанскиот договор“), се враќа во Левица и почнува со кавги, серија саботажи и смислени спрепки!? Атмосферата станува тензична и напната, па седниците на Президиумот започнуваат да личат на драмолетки, само и само да се удоволи на неговото его. Најголемиот број луѓе кои беа најзаслужни за подемот на Левица додека тој беше отсутен од јавната сцена, почнаа да се пасивизираат или да си даваат оставки, не можејќи да го поднесат неговиот деструктивен табиет.
Така, скоро половина година работата во Левица беше целосно блокирана од една тесна група членови собрани околу т.н. троцкистичка фракција „Црвени“. Фракцијата, со своите претесни и секташки идеолошки погледи, на секој начин се обидуваше да се наметне и да доминира – а притоа нејзините врбувани членови со крајни напори се обидуваа да го закочат, минираат и саботираат делувањето и акционото единство на Левица.
Повеќемесечната борба внатре во главните органи на Партијата силно ги наруши меѓучовечките односи и довербата неповратно се изгуби, особено после нелегалниот и насилен обид за смена на легитимните партиски органи од страна на „здравковистите“.
По ова, сите обиди да се дојде до заемен компромис пропаднаа, а оваа маргинална група остана рововски закопана во своите погубни политички ставови, кои немаа никакво одобрување од базата, тврдоглаво одбивајќи да го сообрази своето штетно делување со реалните прилики на современата стварност и не сакајќи да ги почитува одлуките на Централниот комитет донесени со апсолутно мнозинство гласови.
Истовремено беа откриени и серија финанскиски малверзации и злоупотреби на дел од членовите на таа група, по што не остана никаков простор за можно взаемно разбирање и идно заедничко политичко делување под истото борбено знаме. Поради овие, како и многу други флагрантни тешки дисциплински повреди на Статутот, органите решија да се консолидираат и оваа деструктивна група да ја исклучат од раководството на Партијата, а на дел од нив да им го замрзне членството во Левица. На крајот, тие иницираа и судски спор против Левица, кој нормално дека го изгубија!
Така што, Левица продолжува понатаму – идеолошки покомпактна и консолидирана, како и финансиски стабилизирана. Сега, по добиениот спор, сме во фаза на ребрендирање – планираме комплетно да го промениме имиџот на Левица во јавноста: да стане поборбена и повлијателна, односно работиме на извесна „мејнстримизација“ на каузата, наместо на дримерско секташење коа не вродува со плод. Доколку победеше крилото на „здравковистите“, Левица ќе беше уште една во низата провладини пајтон-партии, со рејтинг на ниво на статистичка грешка, затоа што тие луѓе живеат во свој виртуелен свет на идеолошко слепило, кој е неприкладен и несообразен со современата стварност на XXI-от век. Или, кажано со прости зборови, немаат штоф за политика!
ФОКУС: Зад нас е Први Мај. Имаше ли обид или иницијатива по повод тој левичарски празник да се смират двете крила на „Левица“? Како планирате партијата да продолжи понатаму, во пресрет на парламентарните избори кои најдоцна се за година и пол редовни, а најрано, можеби предвремени веќе есенва?
АПАСИЕВ: Ние, како долгогодишни активисти на Ленка, од 2008 година се трудиме да ја градиме културата на првомајско протестирање – под паролата „Нејќеме скара, сакаме права“. Во оваа деценија имало и малубројни, но и многубројно посетени протести. Сепак, нивото не е задоволително, затоа што инертноста на нашиот работник е ноторна појава.
Месијанскиот синдром, дека некој друг ќе дојде и ќе нè спаси е присутен во работничката класа и ќе ни треба време да го сузбиеме. Оттука, во иднина нашата позиција ќе биде кон ојачување на врските со синдикатите и нивното членство, во насока на нивна класно освестена политизација, но не во вулгарна смисла на зборот.
Бидејќи, работничките права се и те како политичко прашање! Што се однесува до оваа година, за жал немаме смирување на страстите од страна на исклучените членови на Левица, напротив – нивната пизма кон мене и кон Левица, а особено по губењето на спорот, станува се поголема и се поневкусна и недолична.
Па така имате комични ситуации, каде што еден троцкист и еден сороспија, кои до вчера си ваделе очи по фејсбук, сега се здушно и сложно против Апасиев и Левица!? Сета среќа што ваквите зли јазици не ме тангираат, оти сум убеден во исправноста на курсот кој го трасира Левица.
Уверен сум дека проветрувањето на внатрепартиските редови е за доброто на каузата, а резултатите од овој наш одлучен потег ќе дојдат наскоро – преку нова свежа енергија и факторизација на Левица на политичката сцена и, конечно, преку станување на Левица парламентарна партија со свои сопствени сили – што би било редок пример кај нас, ако се знае дека системот е така скроен да им служи само на големите партии.
ФОКУС: Комуницирате ли со левичарските движења и партии на Балканот и пошироко? Едно време ве споредуваа со „Сириза“, ама Ципрас чинам одамна ги разочара неговите некогаш многубројни поклоници, иако Заев сѐ уште му е верен обожавател. Во Хрватска партијата „Живи зид“ е според анкетите на само неколку проценети зад мејнстрим левата СДП, и нема да биде чудно ако хрватските социјалдемократи ја доживеат судбината на грчкиот ПАСОК, некогаш стожер на левиот дел од политичката сцена, а денеска бледа сенка. Конечно, може ли и СДСМ да доживее „пасокизација“?
АПАСИЕВ: Да. Апсолутно. Тезата за „пасокизација“ на СДССМ е моја, авторска, која јавно ја пласирав уште за време на Шарената револуција и сè уште стојам на неа. Впрочем, дебаклот кој го доживеа оваа тиранска антирепубликанска и анационална партија, со губењето на над 200.000 гласови од електоратот за само две години владеење, е емпириски доказ дека пасокизацијата на нашите северномакедонски социјал-демократи е веќе започнат процес.
Доброто во случајов е што тоа е незапирлив процес, така што во иднина – во левиот политички спектар очекувајте пад на рејтингот на СДССМ и раст на рејтингот на Левица, која јавноста со право ја перцепира како неизвалкана и чиста партија на млади, образовани, неподмитливи и борбени луѓе.
Нашите интернационални контакти се секојдневни. Соработуваме со сродни левичарски партии, организации, синдикати и движења од целиот Балкан и пошироко. Само за потсетување, паралелно со „Преспанскиот“, ние организиравме меѓународно потпишување на т.н. „Дојрански договор“, заснован на принципите на интернационализмот и еднаквоста на народите. Секојдневно наши членови на раководните органи посетуваат конференции, политички школи и настани во странство, организирани од сестринските партии од Грција, Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Турција, Италија, Германија, Шпанија и др.
Имаме многу за учење од нивните искуства, но имаме и што да покажеме – особено на полето на партиското делување, имајќи го предвид фактот дека ние сме „грас-рутс“ Партија, изникната од долгогодишни автентични активисти кои биле активни на повеќе полиња и кои сфатиле дека партијата не е баба-рога, туку легитимен политички начин на акција и делување за изградба на подобро општество.
Конечно, ја споменавте грчката „Сириза“ – партијата која беше голема надеж, но која ја шитна каузата со која дојде на власт. Мојот личен став е дека, и покрај сета инклинација и предавство на антикапиталистичката СИРИЗА кон социјалистичките идеали, ние – како левичари – имаме многу што да научиме од оваа некогаш „радикална лева коалиција“, особено во делот за тоа како се доаѓа на власт и како се користат современите алатки на комуникација за ширење на својата идеја.
ФОКУС: Како ги толкувате резултатите од првиот круг на претседателските избори. Дали на народот, и тоа цел народ, и Македонците и Албанците, и урбаните и руралните, конечно му пукна филмот од големите партии и им сврте грб? Има ли тука шанса за некоја нова политичка сила, како на пример вашата партија или, пак, за некоја широка коалиција, здружена опозиција, сенароден фронт?
АПАСИЕВ: Резултатите се такви какви што се. Фијаско за власта, враќање во живот за опозицијата! Од тие резултати, ако имаат паметни дечки во нивните аналитички центри, а не полтрони кои ги штимаат изборните резултати и рејтинзите, давајќи им лажна надеж на политичарите – тие би требало да извлечат поука.
Народот покажа дека му е преку глава од двете етаблирани партии СДСМ–ДПМНЕ, плус од „вечниот“ и до коска корумпиран ДУИ. Овие избори беа шамар за двопартизмот и тупаница во носот на елитата! Но, наместо да се лажеме дека со апстиненција се решаваат работите, народот треба да сфати дека лекот за оваа општествена дијагноза е токму во спротивното – во преземање сопствен политички опит и сопствена политичка акција: во партиципација и инволвирање, а не во пасивност и чмаење. Оти, лошите луѓе просперираат тогаш кога добрите не прават ништо!
Само така ќе излеземе од корумпираната реалност во која не втурнаа и само така ќе станеме партиципативно и директно демократско општество. Со нихилизам, сеирџиство и седење дома, овојпат нема да се решат работите. Доколку вие „не се замарате“ со политика, таа ќе се замара со вас. Тоа е античка мудрост. Нема бегање од неа.
Затоа, наместо дримерски и ескапистички да си градиме свој совршен микросвет, незагаден од делата на лошите чичковци-политичари, ние треба да се обидеме да влијаеме врз политичките текови преку давање шанса на нови, неискомпромитирани ликови на политичката сцена и преку непосредно вклучување во политички дејствија од секаков вид (од еко-акции, до социјални протести; од партиски иницијативи, до општествени кампањи и сл.).
Сè е политика, колку и да сакате да го избегнете овој факт. Затоа, ние треба да се зачленуваме во партија не затоа што ќе не вработат, туку затоа што искрено веруваме во нејзината идеологија. Кога ова ќе го сфатиме и ќе почнеме да го применуваме, ќе имаме една сосема поинаква реалност. Дотогаш, ви останува да избирате меѓу СДССМ и ДПМНЕ – кој, пак, „избор“ е како оној помеѓу змијата и магарето.
ФОКУС: Додуша, кога се во прашање „големите теми“, барем на зборови, а и на дело, нема некоја суштинска разлика меѓу големите партии. И двете се залагаат за тендерски капитализам, и двете глумат дека прават некакви реформи додека и ја полнат неуморно администрацијата со партиски војници и, конечно, и двете партии се максимално посветени за наше евроатланско интегрирање. Вие, од другата страна, не сте баш многу воодушевен од НАТО. Нели влегувањето во НАТО е вековен сон на генерации Македонци, нели и Гоце Делчев има кажано дека „светот го разбира како поле за воени интервенции во суверени држави со цел да им се земе нафтата“… или така некако беше?
АПАСИЕВ: Не. Грешка сте. Тоа го нема кажано Гоце, туку Питу (се смее). Во левичарските кругови често се шегуваме дека јас сум единствениот левичарски професор по право кој ја има честа да работи на институција која го носи името на еден социјалист (Гоце Делчев). Е сега, што се однесува до Вашето прашање – ако гледаме реално, нас НАТО не ни треба, туку ние му требаме на НАТО, за конечно да ја заокружи приказната за геополитичката доминација во Европа во однос на Русија.
НАТО не е никаков прогресивен пакт, туку милитаристичка организација која е реликт од Студената војна и која мора да исчезне од светската сцена, бидејќи е неодржлива. Впрочем, после Брегзит, Америка го губи верниот остров во Европа, па прогнозите се дека ЕУ ќе продолжи да се развива се понезависно од САД и да гради свој автохтон систем на одбрана.
Веќе има такви идеи во најава, па оттука иднината на НАТО виси на конец. Од друга страна, пак, мантрите и лагите кои ни ги сервираат нашиве слабокрвни политички аналитичари, кои се секојдневно по телевизиите и дебатните емисии, се смешни за секој малце пообразован човек. Во ова папагалско повторување, нас очајно ни треба освестувачки процес на демитологизација на НАТО!
Треба некој отворено да ни каже: „Другари, да не се лажеме, НАТО е најголемиот воен злосторник на сите времиња кој фрла бомби со осиромашен ураниум врз недолжни цивили“.
ФОКУС: Како гледате на актуелните случувања во Венецуела, каде на власт е левичарска влада, која СДСМ не ја признава, туку застана (заедно со Влатко Ѓорчев) зад Хуан Гуаидо, човекот кого овде многумина го нарекоа „венецуелскиот Заев“. Има ли смисла таа споредба, особено ако Гуаидо е Заев, тогаш Мадуро би бил Грујо?
АПАСИЕВ: Во овој момент Мадуро, легитимно ја извршува функцијата на претседател. Сегашната состојба во Венецуела е само најнов чин во долгата американска драмолетка што се игра во Венецуела. Целта на овие агресивни политики од надвор е јасна – пад на социјалистичката партија на Венецуела и враќање на олигархијата на власт вклучително и враќање на венецуелската нафтена индустрија во приватни раце.
ФОКУС: Постои една теорија дека во нашево време, вистинскиот идеолошки раскол не е меѓу левичари и десничари, туку меѓу суверенисти и глобалисти. За венецуелскиот Мадуро на пример, се смета дека е суверенистички левичар, какви што беа Тито и неврзаните на времето, а не глобалистички левичар – како што се Ципрас или Заев на овие простори, или сите мејнстрим леви партии ширум Европа што се сега, и фондацијата на Сорос како главен промотор на таа „глобалистичка левица“ низ светот. Дали вие би се нарекле, со вашиот отпор кон НАТО, суверенистички левичар?
АПАСИЕВ: Па, делумно се сложувам, а делумно не со Вашата констатација. Поделбата на левица и десница е сеприсутна во историјата, иако не е именувана секогаш со истите имиња. Во стариот Рим, на пример, популарите биле „левичари“, оти ги застапувале интересите на сиромашните; a оптиматите биле „десничари“, оти ги застапувале интересите на богатите. Јас се противам на таа постмодернистичка учена мантра дека денес, во нашево совремие, сè е измешано, сè е претопено, дека нема граници меѓу лево и десно!?
Има, и тоа како има. Или, ај да упростиме: левицата се залага за плебсот, а десницата за елитата! Десницата сака: авторитет, должности кон татковината, религија, класни разлики, хиерархија, поредок, традиција, реакционерност, задржување на status quo-то, рамни даноци, компетитивност, патернализам, егоизам, приватен интерес, профит, национализам…
Сосема спротивно, на едно аксиолошко ниво, левицата оперира со сосема други вредности: слобода, права, еднаквост, социјална правда, братство, напредок, прогресивни даноци, реформа/револуција, солидарност, партиципативност, алтруизам, соработка, самоостварување, јавен интерес, интернационализам и сл.
Е сега, ако сум веќе на квиз и би морал да се декларирам, можеби поблиски ми се сувернистите, отколку глобалистите. Мил ми е космополитизмот, ама помили ми се „Неврзаните“ (се смее).
ФОКУС: Иако имате цврсти ставови за сѐ, сепак вие не сте фанатик. Еве на пример, неодамна објавивте книга заеднички напишана со неколку други автори, меѓу нив и Владо Бучковски. На социјалните мрежи видов коментар дека таа книга е дело на еден поранешен премиер (Бучко) и на еден иден премиер т.е. вие. Имате ли такви амбиции во политиката и спремни ли сте да настапувате прагматично кога „големата слика“ ќе го бара тоа?
АПАСИЕВ: Хахахаха… Не заборавајте дека, не времето, заедничка книга издадоа и Фрчко и Џоле Иванов. Но, да се вратам на прашањето: со проф. Бучковски се знаеме од кога станав демонстратор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Тогаш бев студент во трета година. Мене ме повика професорката Поленак, на Катедрата за римско право, а Бучковски тогаш беше премиер. Не го познавав додека не се врати на факултет.
Оттогаш, односите со професорот ми се строго професионални и коректни – врзани само за рамките на правото и реториката, а никако за политиката. Можеби идеолошки се разидуваме речиси за секое позначајно прашање, сепак тоа не нè спречува да соработуваме за доброто на студентите и да напишеме заеднички универзитетски учебник.
Впрочем, книгата на која алудирате, „Реторика – историски и современи аспекти“, е капитално дело кое е во коавторство на пет автори-професори и е плод на неколкугодишна научно-истражувачка соработка помеѓу двата најдоброрангирани правни факултети во земјава: оној на УКИМ и оној на УГД. На крајот на краиштата, тоа говори и за нашите демократски капацитети – да соработуваме професионално, па дури и тогаш кога се разидуваме политички.
ФОКУС: Ако „Левица“ победи на идните парламентарни избори, и вие станете премиер, без коалиции и политичка трговија, со 61 пратеник лојални само вам – што би направиле во првите сто дена владеење, за Македонија да стане подобро место за живеење?
АПАСИЕВ: За сè што планирам, малце ми се 61 пратеник. Ќе ми требаат 80! (се смее).
Но, ако замислиме една таква хипотетичка ситуција, приоритет би било следново: укинување на сите трошоци и партиципации кои граѓаните ги плаќаат во болниците и здравствените институции; бесплатно школство од градинка до докторат; драстично кратење на бројот на непотребните комисии и т.н. независни регулаторни тела во администрацијата; воведување на една изборна единица; воведување на данок на луксуз за екстремно богатите; намалување на каматите и провизиите на лихво-банкарите; ревизија на криминалната приватизација, со барање за потекло на имот на сите функционери во периодот на транзицијата; забрана за тешка индустрија и фабрики во градовите; враќање на пензијата врз основа на работен стаж; сузбивање на урбаната мафија по општините; укинување на привилегиите, апанажите и патните трошоци на пратениците; национализација на БЕГ и ЕВН; расчистување со непотизмот по државните институции…
Идеи и пари има, ама нема кој да ги спроведе.
ФОКУС: Како што споменавте, Ваша специјалност е Римското право. Со моќта да стави вето на било кој закон, претседателот потсетува на народен трибун од времето на римската република. Понатаму, СЈО де факто му доаѓа нешто како римскиот цензор, коj ја имал моќта да му ја прекине политичката кариера на секого за кого ќе сметал дека не е достоен за функцијата. Нашите судски процеси повеќе наликуваат на гладијаторски борби каде владее правото на политички и економски посилниот. Од друга страна, вие сте убеден легалист, и се надевате на праведни одлуки од Уставниот суд. Има ли смисла легалистичкиот пристап во една (не)правна држава како нашава?
АПАСИЕВ: Уставниот суд е персонално најслабо екипиран досега во целата наша државно-правна историја. Не заборавајте, Југославија беше првата комунистичка земја која го воведе овој суд. Но, тоа што недораснати и недоучени луѓе доаѓаат до такви највисоки почести и функции – говори за тоа дека нашиот систем нема изградено механизам за селекција и избор на најдобрите.
Тоа мора да го поправиме за да тие, најдобрите, не ни бегаат по белиот свет, а тука да остануваат просечните и потпросечните. Ви тврдам дека некои од актуелните уставни судии, да фателе златна рипка, никогаш во животот немало да им падне на памет да си посакаат да бидат уставни судии. Со ова сè е кажано.
Затоа, мора да изградиме таков систем кој ќе препознава квалитет, а не импровизација! А тој систем не е невозможно да се изгради. Потребно е само политичка волја за вистинските луѓе да дојдат на вистинското место.
Имаме квалитетни луѓе, но проблемот е што денес тие се потиснати од шарлатаните кои се шиткаат на секоја власт. Затоа не нè бива. И затоа денес никој не аплицира на конкурси. Оти сè е наместено! А можеме далеку подобро. Ги имаме сите предуслови за едно модерно и развиено општество.
ФОКУС: За крај, дали имате идеја кои други принципи од Римското право би можеле да ги воведеме во Македонија? Знам дека нема да дочекаме нашите политичари да бидат казнети со damnatio ad bestias и никој од нив нема да биде буквално фрлен на диви ѕверови во арената, но човек има право да сонува…
АПАСИЕВ: Најдоброто прашање сте го чувале за крај! Па еве, на пример, може да почнеме со damnatio memoriae (бришење од колективната меморија) на потписниците на квислиншкиот „Преспански договор“, каде нивните имиња ќе бидат отстранети од официјалната историографија и тие ќе паднат во вечен заборав.
Или, пак, да го воведеме принципот на infamia (јавно осрамотување) на функционерите кои ги расфрлаат народните пари по гозби и пијанки и ни се перчат со своето нечесно спечалено богатство; или принципот на „остракизам“ (прогонство во егзил) за олигарските и транзициски профитери, кои со своите милиони се закануваат да станат недопирливи за законот; и конечно, можеби е најумно да ја воведеме ограничен мандат за судиите и „забрана за реизбор“ на иста јавна функција по истекот на мандатот, како една од најефикасните антикорупциски мерки кои важеа во времето на римската република.