Димишков сведок во „Рекет”: Камчеви сакаа да ме ангажираат како адвокат за да ја тргнат сестра ми од „Империја”

by fokus

Адвокатот, Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка, Весна Димишкова денеска се појави како прв сведок на одбраната предложен од обвинетиот Бојан Јовановски во случајот „Рекет”.

На прашања на одбраната, Димишков рече дека Камчев сакал да го ангажира како адвокат во неговиот тим на одбрана, а откако Камчев завршил во притвор, средби со него за да го ангажираат барале, сопругата на Камчев, Ана и осудениот во овој случај Зоран Милевски – Кичеец.

Димишков се среќавал со нив, но на крајот одлучил да им даде понуда која нема да можат да ја прифатат. Откако Камчев завршил во притвор, многу негови пријатели фаќале врски. Од него барале Камчев да го пуштат од притвор за куќната слава, 21 ноември, „Св. Архангел Михаил”.

Тој раскажа дека со Камчев се видел преку директорот на Стопанска банка Битола, Владимир Ефтимовски. Димишков бил адвокат на банката повеќе години и првично требало да се види со Камчев за клиент кој не враќал кредит во банката.

Во август 2018 година тој се видел со Камчев во неговите канцеларии во комлексот „Систина”.

Но Камчев наместо за измамата, му покажувал наредби потпишани од неговата сестра, која била судија на претходна постапка во случајот „Империја”, каде првообвинет е Камчев.

-Ми покажа фотографии од документи, една наредба ми зумираше дека на неа е потпишана Весна Димишкова. Се изненадив што имам јас со тоа. Имам тим на адвокати четворица сакам и тебе да те вклучам во тимот, ми рече Камчев. Му реков може да соработуваме, прво да ми кажеш што точно бараш од мене, која ќе биде мојата улога во тимот. Тој ми рече ќе ми оставиш два три дена да направам консултации со некои луѓе, ќе ти јавам во колку часот да дојдеш. Не ме повика, не ми кажа ниту што како, рече Димишков.

Камчев повеќе не му се јавил, но откако му определиле притвор во ноември 2018 година, Димишков го барале повеќе роднини, пријатели на кафе.

-Кога ќе се сретневме со нив ми кажуваа дека по некоја линија се пријатели со Камчев да се помогне што може. Им реков дека не можам да помогнам. Меѓу тие луѓе беше и Зоран Милевски, на кого иако му имав кажано дека не можам да го направам тоа што го бара од мене, инсистираше на средби, бараше да бидам ангажиран како бранител , за адвокатската награда. Во една прилика тој организираше средба и со Ана Камчева, која е адвокат на тимот на господин Камчев. Со Ана кога се сретнавме ми појасни дека има стратегија во одбраната да го зголемат тимот на бранители, да ангажираат и вешти лица и други лица потребни за одбраната и дека планираат јас да бидам еден од бранителите. Пак зборувавме за притворот на Камчев. Им кажував дека е нереално да се оствари особено не за таков краток временски период кој го бараа, со оглед на постапката и законските рокови. Госпоѓа Камчева мислам дека ме сфати и од тие причини се согласи дека не е можно за толку краток период.Таа средба заврши со заклучок, јас да направам свои пресметки за мојот ангажман, колку би чинело и тоа да им го соопштам за некој ден, рече Димишков.

Сепак откако ја анализирал ситуацијата, сфатил дека сакаат да го искористат.

-Јас сметав и сметам дека тие сакаа да ме искористат, да ме ангажираат како бранител, бидејќи  доколку ме ангажираат, во тој случај судијата на претходна постапка, мојата сестра, која постапуваше, по сила на закон ќе биде изземена од предметот. Анализирајќи ги разговорите со Камчева и Милевски, проценив дека не би требало да прифатам да бидам бранител во предметот. Кога се јави Милевски му кажав сума која за нив нема да биде прифатлива. Откако му ја кажав сумата, ниту некој ми се јави, ниту ме побара, рече Димишков.

Димишков бил ангажиран како адвокат и во невладината на Јовановски.

-Го познавам Бојан Јовановски. Појдов на средба во „Меѓународен сојуз”, ме запозна со намерите на организацијата и ми рече дека имаат потреба од правна помош, консултации. Тоа беа контактите. По потреба сме се консултирале. Потоа се отвори 1 ТВ имаше разни потреби, блокади на сметки извршување и сме се гледале за такви работи, рече Димишков.

Тој рече дека со обвинетата Катица Јанева воопшто не се познавал и Јовановски не ја споменал пред него.

Ф.Ф.С

Поврзани новости