Дилерите кои продавале кокаин на директори и адвокати, имале и доушници во МВР?

by fokus

Четиричлената криминална група од Скопје која набавувала и продавала кокаин на корисници во главниот град, меѓу кои имало и адвокати, директори и менаџери, можно е да имала и помош од вработени во МВР, кои ги плаќалале за да им откријат дали МВР им „дише“ во врат, односно дали им ги следат чекорите и дали постои опасност од нивно апсење.

Ова може да се заклучи од соопштението на МВР, со кое го информираа јавноста за синоќешната акција за сузбивање на трговија со дрога.

-Исто така, за криминалната група беше утврдено дека во текот на своето делувување вршела коруптивни дејствија заради добивање податоци за мерките кои ги презема МВР кон членовите на организираната криминална група, како и за добивање корисни информации за конкретни судски постапки кои се водат против нив, стои во соопштението.

Како што неофицијално дознаваме, истрагата во овој дел сѐ уште не е завршена и допрва ќе се утврдува дали навистина припадници на МВР соработувале со дилерите. Дека дилерите можеби навистина имале соработници во редовите на полицијата, говори и фактот што лидерот на групата за малку ќе избегал, но за среќа бил уапсен при неговиот обид да ја напушти државата.

-Операцијата отпочна во момент кога лидерот на криминалната група се обиде да ја напушти државата, а лишен од слобота беше на меѓународниот аеродром “Скопје“, со поголема количина на парични средства. Исто така од слобода беа лишени уште две лица членови на групата, а по едно се трага. Еден од членовите на групата беше лишен од слобода во текот на ноќта при обид за бегство од лишување од слобода во неговиот дом, информираат од МВР.

Од министерството посочуваат дека преку продажбата на кокаин, овие лица се стекнале со голема финансиска добивка, кој ја инвестирале во купување на луксузни автомобили, станови и изградба на куќи.

Како што претходно објави „Фокус“ клиенти на дилерите биле и адвокати, директори и менаџери.

В.В.

Поврзани новости