До крајот на седмицава треба да пристигнат договорените 4000 терминали за отпечатоци од прсти што првпат ќе се користат на Локалните избори 2021 година на 17 октомври. Државната изборна комисија денеска прими уште повеќе од илјада од овие терминали, а веќе е започнато и полнењето со податоци од граѓаните на веќе пристигнатите. Ова денеска го изјави претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
„Со денешнава пратка очекуваме да пристигнат уште околу илјада уреди за биометриска идентификација на граѓаните и со тоа ќе ги имаме над половина од потребните уреди, а до крајот на неделата ќе пристигнат сите, уште две пратки на секои два дена. Во моментот во ДИК трае полнењето на смарт картичките кое треба да заврши денеска и попладне треба да почне полнењето на апаратите бидејќи имаме доволно време“, рече Даштевски.