ДИК ги потврди поднесените кандидатури и листи за советници за локалните избори. До четврток ќе заврши и жрепката по што ќе се знае редниот број кој треба да го заокружат граѓаните за да дадат поддршка на избраната опција. Вкупно 303 кандидати за градоначалници и 567 советнички листи во сите општини.
Одбиени се две кандидатури за Охрид и Струга а од советничките листи 6. Одбиени се листи за Општините Врапчиште, Ѓорче Петров, Зелениково, Кичево, Струга и Тетово.
Според ДИК се работи за помали партии а причините се ненавремено поднесување или формални недостатоци.
За менаџирање на главниот град довербата од скопјани ќе ја бараат 12 кандидати меѓу кои две се дами Данела Арсовска предложена од група граѓани но поддршка доби и од ВМРО ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Ана Петровска кандидат на граѓанската иницијатива Зелен хуман град.. 10 се поддржани од политички партии. За втор мандат ќе се трка Петре Шилегов коалиција Најдоброто за мојата општина предводена од СДСМ, двајца музичари Перо Георгиевски познат како Камиказа поддржан од Левица и Бени Шаќири од коалицијата ДОМ- ЛДП. Во трката за главниот град влегуваат адвокатот Александар Тортевски од Твоја партија, хирурхот Тодор Ношпал од Интегра. Пред граѓаните свои програми ќе презентираат и КПМ со кандидатот Горан Арсовски, Љубомир Јосифовски од Демократи, Мунир Колашинац од бошњачки демократски сојуз, Владимир Трајковски од Родина и од ТМОРО ќе се трка Славе Несторовски.
За советничките места во Град Скопје ќе се борат 15 политички парии, коалиции и граѓански движења.
Од Левица најавија кандидати и листи во 38 општини.
ВМРО ДПМНЕ на овие локални избори оди со 62 кандидати, СДСМ пред граѓаните ќе се претстави со 68 кандидати, ДУИ во 19 општини, Алијанса и Алтернатива со 15 кандидатури, а како независни поддржани од група граѓани одат 27 кандидати. Изборната кампања почнува следниот понеделник на 27 септември и ќе трае се до 15 октомври. На 17 октомври граѓаните ќе гласаат на кого ќе ја доверат својата општина во следните 4 години.