Неисправност на некои уреди и лошиот квалитет на базата на отпечатоци го отежнуваат денешното гласање за градоначалници и советници, кои за првпат се спроведува со фингерпринт-уреди, за што беа потрошени 11 милиони евра.
-Изборниот законик и упатството во таков случај предвидуваат дека постапката продолжува со скенирање на личниот документ на гласачот во скенерот којшто е во склоп на уредот за биометриска идентификација или со внесување на матичен број – истакна Љупка Гугучевска, портпаролка на Државната изборна комисија.
Таа додаде дека ДИК доставила инструкција до избирачките одбори редовно да го чистат скенерот каде се остава отпечаток од прст, а гласачите, како што порача, да притиснат посилно кога даваат отпечаток.
-Некаде имаше проблем со самите уреди за идентификација, но имаме 500 резервни уреди и некаде се извршени замени. Онаку каде не можеше да се поправат или да се заменат се продолжи со стариот начин на гласање – посочи Гугучевска.
Нашата крајна цел, додаде портпаролката на ДИК, е секој што отишол на гласање да може да го искористи гласачкото право.