На 19-ти декември во Неготино започна постапката за собирање на 3.200 потписи против проектот изградба на депонија за индустриски инертен отпад, како иницијатива за распишување на референдум.
За да го дадат својот потпис, граѓаните треба да дојдат на третиот кат во општинската зграда, која е без лифт, со што се отежнува, односно попречува правото на глас на лицата со физичка попреченост, и тоа во работните денови, исклучително во тек на работното време од 8.30 до 16.30 часот, со што исто голем број на граѓани кои во тој период не можат да се ослободат од работа, не можат да го остварат своето законско право.
Дел од екипата на ,,Фокус” вчера беше во канцеларијата на ДИК, каде што се собираат потписите. Кога пристигнавме таму, на листата беа собрани 630 потписи, што со оглед на острите реакции на неготинчани против депонијата, е изненадувачки мал број на потпишани лица. -Од 630 лица кои се потпишаа, верувајте дека дури 629 не прашаа зошто се собираат потписите дури на третиот кат, наместо доле, на приземје, каде секој еден ќе има пристап и на граѓаните нема да им се одзема многу време – вели службеничката од ДИК.
Додава дека не и е проблем да се симне на приземјето на зградата ако некое лице има физичка попреченост, но сепак генерално, граѓаните сметаат дека потписите требало да се собираат на некое попристапно место.
,,Фокус” уште минатата недела, кога се објави локацијата каде се собираат потписите, по реакциите на граѓаните стапи во контакт со Благоја Стојковски, државен советник во ДИК, кој образложи дека компјутерот со потребните податоци се наоѓал во канцеларијата на третиот кат, па не можела целата технологија да се носи доле. Сепак, од она кое што го видовме на самото место, не станува збор за технологија од голем размер и преселувањето на компјутерот на приземје е изводливо, само доколку се има желба од страна на локалната самоуправа.
Она што е впечатливо, исто така е и листот хартија на кој е испишано –Собирање потписи, канцеларија 29, истакнат единствено на третиот кат, без појаснување за какви потписи се работи. Друга ознака, плаката или било што кое ќе им укаже на граѓаните дека таму се собираат потписите против депонијата, нема никаде во зградата, ниту пак пред неа. Неготинчани, посебно повозрасните генерации се жалат дека не се доволно информирани за целата постапка. Многу од нив не знаеле ниту за проектот депонија, ниту пак каде би можеле да го дадат својот глас против истата. -Информациите кои се од голема важност за целиот град, за сите генерации и иднината на нашите деца, можат само да се најдат на социјалните мрежи и на интернет медиумите. За ваква работа, мора да се понудат темелни информации за секој детал, кои ќе бидат пристапни до сите граѓани – реагираат неготинчани. Собирањето на потписите ќе трае еден месец, односно до 19-ти јануари 2020 година. Новогодишните празници, кога општинската зграда ќе биде затворена и нема да се собираат потписи, исто така им одат во прилог на оние кои сакаат да го спроведат проектот депонија за индустриски инертен отпад во градот, и вклучувајќи го и денешниот ден, на неготинчани им остануваат само уште 15 дена до истекот на рокот за собирање на потписите.
Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност, минатата недела исто така порача локалната самоуправа да поработи на случајот и да се адаптира простор на приземје, каде секој граѓанин ќе може да си го оствари своето право на глас. По реакциите на граѓаните, се уште неофицијално, во петок на 27-ми декември било планирано да се собираат потписи на приземје, само во рок од еден час, и тоа од 9.30 до 10.30 часот.
Вики Клинчарова