Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) изградиле единствено мислење во врска со продолжување на изборниот процес кое денеска треба да биде доставено до претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Според информациите од ДИК на МИА, членовите на Комисијата се состанале вчера по средбата со шефот на државата и се согласиле дека сите одлуки што треба да се носат во врска со предвремените избори и продолжување на изборниот процес во контекст на мерките за корона вирусот треба да бидат согласно Изборниот законик и постоечките закони.
Комисијата, според информациите на МИА, смета дека Избирачкиот список мора да се преработи во согласност со технологијата за негова обработка, која е опишана во Законот и со точно пропишани рокови.
Постоеше дилема какво мислење ќе изгради ДИК, која беше обврзана на тоа од политичките лидери на средбата кај претседателот Пендаровски во вторникот, имајќи ги предвид различните мислења со кои во медиумите излегоа претседателот на ДИК Оливер Деркоски и членот на Комисијата Борис Кондарко, како и поранешни членови на највисокото изборно тело во државата.
Лидерите на политичките партии на средбата се договорија преку шефот на државата да биде обезбедено мислење за продолжувањето на изборниот процес што би помогнало за одредување датум за одржување на парламентарните избори. На средбата Владата беше задолжена да добе мислење од Комисијата за заразни болести и од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кога би можеле да допатуваат во земјата и да се организираат за набљудување на изборите.