Државната изборна комисија денеска направила дополнителни проверки во подрачното одделение во Општина Карпош во Скопје откако претходно Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди „директна продолжена дискриминација од страна на ДИК кон лицата со физичка попреченост“.
Се работи за објект на подрачното одделение на ДИК во Карпош каде Комисијата била на увид по допрен глас од лице со физичка попреченост кое се пожалило дека не може да се потпише за поддршка на извесна независна кандидатска листа за локалните избори, бидејќи нема пристап.
Од ДИК првично известија дека просторијата каде е сместено подрачното одделение во Карпош не е во нивна сопственост, туку е во сопственост на локалната самоуправа и во моментот тие се објективните капацитети со кои располага општината и кои може да им ги отстапи.
Но, по дополнителните проверки ДИК ги отфрли наводите за дискриминација бидејќи, како што велат, утврдиле дека во ова подрачно одделение има и друг влез кој овозможува пристап за сите.
„Се утврди дека во целост се неточни наводите за директна продолжена дискриминација врз лицата со физичка попреченост од страна на подрачното одделение на ДИК во Карпош, затоа што за цело време во ова подрачно одделение функционира и друг влез кој нуди целосен пристап за сите лица“, соопштија од ДИК.