Државната изборна комисија (ДИК) работи на формирање на Центар за обуки за избори, што треба да почне да функционира до пролетта 2024 година, изјави во интервју за МИА портпаролката на Комисијата Љупка Гугучевска.
– Во текот на изминатата година имавме многу активости кои се однесуваат на исполнување на стратешките цели и визијата на ДИК за она како треба да изгледа еден професионален изборен орган во иднина. Една од главните активности со кои се занимаваме беа подготвителните активности за формирање Центар за обуки за избори. Ова е активност што ја спроведуваме со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС со проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка. Во текот на минатата година беше спроведена студија за изводливост за формирање таков центар за обуки, вели Гугучевска.
Во интервјуто за МИА, таа потенцира дека ДИК исто така работи и на зајакнување на ИТ-системот, како и на други стратешки цели како што е родовото сензитивизирање, но исто така зборува и за тоа како е да се биде портпаролка на Комисијата.
Во интервјуто таа исто така посочува дека граѓаните со право на глас можат во секое време да се проверат во Избирачкиот список на страницата izbirackispisok.gov.mk, како и за тоа дека ДИК постојано работи на унапредување на својата работа и спроведување на избори.