Претседателот и членовите на изборните органи и изборната администрација имаат право на надоместок согласно член 19 од Изборниот законик што се утврдува со акт што го донесува ДИК. Ова право е утврдено за вработените во Државна изборна комисија од 2006 година, а за членовите на Државната изборна комисија од 2014 година, е дел од реакцијата на ДИК на денеска изнесениот став на амбасадорот на САД Џес Бејли дека во Комисијата си поделиле бонуси за изборите.
Од ДИК посочуваат дека и покрај тоа право, одлучиле утре на јавна седница да расправаат за предлог-одлука за отповикување на донесените одлуки за определување на надоместок за членовите на Државна изборна комисија и вработените во стручната служба за спроведените избори.
– Претседателот и членовите на изборните органи, функцијата ја вршат непристрасно, совесно и одговорно, согласно надлежностите утврдени со Изборниот законик и другите позитивни прописи. Правилникот за утврдување на критериумите за исплата на надоместокот на изборните органи е донесен по распишување на изборите во согласност со определениот буџет одобрен од страна на Собрание на Република Македонија и истиот е објавен на страната на Државната изборна комисија, се вели во реакцијата од Државната изборна комисија.