Младата авторка Дијана Петрова пред неколку дена го издаде своето второ дело, „Не правете им сенка на гробовите“ во издание на Антолог.
Станува збор за збирка од раскази, вкупно 21, кои се напишани на интересен и допадлив начин. Петрова во интервју за „Фокус“ ни раскажа повеќе за нејзиното творештво и за најновата книга.
Како што истакна таа, насловот е земен од еден од расказите во збирката. Сепак, додава таа, поентата е сосема спротивна откако ќе се прочита книгата.
„Не би можела да кажам за тоа колку време работев на книгата. Идејата за книгава ја имав долго време. Најчесто пред да заспијам секогаш ми доаѓаше идејата за оваа збирка и ја носев долго време во глава, додека не се убедив да седнам и да ја изнесам на „хартија“, пишувањето потоа е само механички чин. Анегдоти имаше често откако дојдовме до процесот на печатење, најмногу поради насловот и тоа што излезе пред Задушница“, раскажува Петрова.
Нејзината прва книга беше романот „Бдеењето над себе“. Зошто овојпат таа се решила за раскази?
„Иако претходната моја книга е роман, сепак не се држи до тие строги граници бидејќи е создадена од епизодни ситуации кои на крај се поврзуваат во една приказна. Засега, полесно ми е да пишувам раскази, бидејќи ми е полесно да се изразам така, една ситуација да ја „фатам“ од повеќе аспекти“, додава нашата авторка.
Романот и расказите се две нешта кои многу се разликуваат меѓу себе, анализира Петрова.
„Романот бара поголем фокус на една идеја и таа идеја да се разложи низ целата книга. Во пишувањето раскази имаш поголема слобода, па дури и откако ќе ја завршиш книгата, да сакаш да се навратиш, да смениш нешто, полесно се „поправа“ тоа, што мене лично ми одговара бидејќи како што поминувам време со книгата, имам нова идеја да и се вратам назад и да сменам нешто“, смета таа.
Првата нејзина книга беше промовирана пред една година. Но, како што вели Петрова, доколку идејата се има во глава, книга може многу побрзо да се напише.
„Пишувањето како процес, како физичка работа, реално, не одзема многу време. Мислам дека кога би имал некој идеја за тоа што сака да го пишува или некоја приказна во глава, да седне да пишува и да се посвети само на тоа, би можел многу брзо да напише книга, може дури за месец. Јас искрено, не верувам во тоа дека една книга треба да се работи долго време. Или ја имаш идејата или ја немаш, ако ја немаш и пет години да ја работиш, пак ништо нема да направиш. Поентата е во идејата, идејата во глава се осмислува подолго време, отколку потоа што се пренесува на хартија. Се‘ е во идејата и способноста за создавање приказни во глава, а јас ги имам безброј“, посочи таа.
Клучниот совет од рецензентите на нејзината книга бил таа да биде своја во новото дело. Петрова ни раскажа дека нејзините рецензенти со нивните рецензии и доживување на нејзината книга дале еден совршен облик, поточно му вдахнале душа, на како што вели, тоа што таа го создала од кал.
Дали времето за да се заврши едно дело е товар за еден млад автор?
„Мене лично, секогаш кога ќе напишев некој раксаз, се чувствував полесно, исто како откако ќе заврне“, истакна 28 годишната авторка.
Таа додава дека не сака долго да „гњави“ некоја книга, без разлика на нејзината литературна форма.
„Па не е само во прашање талентот, пак ќе спомнам, многу поважни се идеите. Ти може да имаш одличен талент за пишување, ама ако немаш идеја за приказна, талентот не ти игра многу улога. Не знам, немам толку многу искуство за да можам да кажам колку време е потребно за добра книга. Со моето досегашно искуство можам да кажам дека не би можела, а и не би сакала да „гњавам“ долго една книга. Го пренесуваш тоа што си го замислил, добиваш некои забелешки, го средуваш и тоа, тоа е мојот процес бидејќи ако работам долго на една книга или еве расказ, ќе претрпи еден куп измени и подновувања и слично и на крај, нема да личи на ништо“, раскажува Петрова.
Секој што пишува, или сака да пишува, мора многу да чита и да се надоградува, потенцира нашата соговорничка.
„Не верувам во талент „паднат од небо“. Последниве неколку години, (што значи и периодот додека сум ја пишувала и размислувала книгата) исчитувам класици како Толстој, Достоевски, Хемингвеј, Томас Ман, Кафка, но, меѓу нив успевам да сместам и други книги од совремни автори и се обидувам барем 2-3 книги месечно да протнам така, од посоврмените автори и некако ми стана интересно таквото паралелно исчитување“, вели таа.
Но, тука не изостануваат и нашите македонски писатели, кои како што вели Петрова, и инспирирале идеи.
„Не би рекла дека некој автор конкретно ми ги отвори очите за пишување, повеќе би рекла дека тоа беа моите професори на факултет или можеби мојата љубов или желба, не знам. Ама многу македонски автори ми инспирирале идеи како Блаже Миневски, Гоце Смилевски, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски. Не дека другите, повозрасните автори не ги сакам и почитувам, ама овие ги сметам поблиски некако, ме воодушевиле нивните приказни и идеи, нивната креативност“, смета Петрова.
Дали македонските автори имаат „грло“ за да се режира филм според нивните дела?
„Да, нормално дека имаат. Па веќе имаме филмови наши по наши дела, пример Големата вода. И мислам дека и сега, младите автори имаат одлични дела, по кои би се направиле супер филмови“, го заврши разговорот авторката.
Промоцијата на нејзината книга ќе биде во четврток, 25 јуни, во 20 часот на платото пред МКЦ. Промотори на ова нејзинот дело ќе бидат Фросина Пармаковска, Марија Гиревска и Тамара Котевска.
Јорданчо Цветаноски