Дијабетичарите по кој знае кој пат оставени без инсулин

by Fokus

Болните од шеќер повеќе од три недели во дел од поликлиниките не можат да го најдат инсулинот „тресиба“ на Новонордиск, кој им  е неопходна терапија за  да функционираат, реагираат дел од дијабетичарите со кои разговараше „Фокус“.

Повеќето од нив редовно одат на пунктовите да го земат потребниот инсулин, но никако не успеаваат да го најдат.

„Веќе трета недела по ред како одам во поликлиниката „Железничар“ каде редовно го набавувам инсулинот, но веќе неколку недели го нема. Дали некој знае што се случува и како може да ги остават овие пациенти без неопходната терапија, од која животот им зависи.

Не дека ме изненадува тоа што се случува, не е првпат, но очигледно на никој не му е гајле за нашето здравје“, велат дел од дијабетичарите во изјава за „Фокус“.

Здравствените власти веќе подолго време тврадт дека тендерот е во тек, но ако се отвори страната на Бирото за јавни набавки може да се забележи дека министерството за здравство се уште не склучило договор со ниту една фирма, поточно постои само оглас објавен на 1 февруари, 2023 година.

Во огласот е наведено дека треба да се набави инсулин и глукагон, за период јануари 2023 – декември 2024 година за потребите на населението на Република Северна Македонија во вредност од повеќе од 26 милиони евра, а како критериум е наведена најниската цена.

Како краен рок за доставување на понудите е 3 март, што значи дека ако набавката на инсулинот зависи од тој тендер, тогаш дијабетичарите ќе почекаат.

Во меѓувреме, додека болните од шеќер бараат пенкало инсулин повеќе, две недели во собранието се избираа новите министри меѓу кои и министерот аа здравство Фатмир Меџити, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците, а кој вчера и официјално ја презема функцијата.

Ова не се случува првпат. Во последните неколку години дијабетичарите редовно остануваат без инсулинска терапија. Пред десетина години набавката се одвиваше преку скопската Клиника за ендокринологија, но после тоа министерството за здравство почна со централизирана набавка.

Ирена Мулачка

 

 

 

 

 

Поврзани новости