Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ информира дека по објавувањето на информацијата за обезбедени донации од инсулините кои се дефицитарни во аптеките, и по позитивниот одговор од Министерството за здравство дека ќе ги процесуира донациите (во инсулин), сепак 10 дена од тогаш донациите сѐ уште не се пристигнати во инсулинските аптеки.
– Имено како што е информирана нашата асоцијација, донацијата вредна 700.000 евра (инсулини од типовите „ново рапид“ и „левемир“) од данската компанија „Новонордиск“ сѐ уште чека на потпис во Министерството за здравство, иако од таму добивме уверување дека сите други формалности веќе биле завршени и останал само – нечиј потпис. Со оглед дека тој „нечиј потпис“ по правило е обична мануелна работа (да се земе пенкалото во рака, малку да се подигне над лист хартија и да се испише скртатено име и презиме) која не трае подолго од, да речеме, десетина секунди, асоцијацијата „Баланс МК“ апелира до ресорното министерство, доколку е можно во што пократок рок, да ја заврши оваа „операција на потпишување“ со што ќе направат благородно дело бидејќи потребните инсулини ќе стасаат до оние на кои им се наменети – лицата со дијабетес во Република Македонија – велат од здружението.