Сојузот на синдикатите на Македонија, како најброен и најстар синдикат во државата, веднаш по појавата на заразата се стави на располагање на своето членство и сите граѓани и активно учествуваше со свои предлози за утврдување на приоритетите и преземање на конкретни, оперативни мерки, со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и одржливост на економските и општествените текови.
Сѐ што Сојузот на синдикатите на Македонија презема во овој период, учествувајќи во работата на Економско- социјален совет, беше исклучиво и единствено во насока на задржување на работните места како прв приоритет.
ССМ беше дециден дека нема да дозволи товарот на здравствената криза да се префрли само врз грбот на работниците и нивните семејства.
ССМ целиот свој капацитет во овој период од почетокот на кризата го насочи кон обезбедување на заштита на работните места на работниците, како и заштита на правата од работен однос уредени со законите и колективните договори.
Одговоривме на секое поединечно барање, бевме на терен на повик на членството и активно учествувавме во работата на Економско- социјалниот совет. Со овие активности ќе продолжиме и во наредниот период со уште позасилено темпо. Свесни сме за нашата улога и не бегаме од одговорност.
Нашиот став е јасно презентиран, непоколеблив и без можност за отстапка, апелираме и укажуваме дека кризата и вонредната состојба не можат да бидат причина за суспендирање на социјалниот дијалог, колективното договарање или кратење на човековите и работничките права.
Работничките права се наш таргет, а последиците од кризата треба и мора да ги поднесат сите чинители во општеството и претставниците на капиталот и претставниците на трудот како две страни на една целина.
Но, сега и во овој момент се додека трае здравствената криза нашата грижа и активности се насочени кон заштита на работничките права и обезбедување на еднаквост во поднесување на неминовните последици, економски и општествени за сите граѓани без дискриминација и поделби по било кој основ.
Укажуваме дека ќе бидеме конструктивни, но и исклучително храбри и децидни во нашите барања, без можност за отстапки затоа што здравствената криза покажа и докажа дека нашите барања за здрави и безбедни услови за работа, одржливи работни места, еднаквост, сигурна егзистенција, социјална сигурност, се барања кои се карактеристични и еднакво важни за сите луѓе во светот без исклучок и од нивната реализација и обезбедување зависи опстанокот на човештвото.
Сојузот на синдикатите на Македонија и синдикатите здружени во ССМ се единствените претставници на работниците кои во овие сложени услови за работа, активно и несебично се залагаат и работат за зачувување на правата на работниците и покрај големите препреки и предизвици кои се исправени пред нас, а со таквиот ангажман и заложби, засега не дозволивме здравствената криза да премине во криза на пазарот на трудот и истата да биде надминувана на грбот на работниците.
Сите Вие, кои се препознавате во нашите барања и заложби придружете ни се, заедно сме посилни, а нашата бројност ќе биде аргумент повеќе да надвладее разумот за реалните потреби за живот и развој на науката и технологијата за доброто на сите, наместо бескрупулозната трка за профит по било која цена која му наштетува на човештвото и неговиот развој.
ЈА ДИГИТАЛИЗИРАМЕ РАБОТНИЧКАТА РЕВОЛУЦИЈА!!!
ДИГИТАЛЕН СИНДИКАЛЕН МАРШ!!!
ЧЕСТИТ 1ВИ МАЈ!!!