Диетата на Хали Бери- постпразничен третман популарен и кај нас

by fokus

По завршувањето на празниците познати по богатата трпеза, најчетиот проблем кој ги мачи многумина, посебно припадничките на понежниот пол, е како да се стави линијата во ред за краток период, со оглед на тоа што летото е на прагот и започнува сезоната на бикини.

Ако кај нас во изминатиот период многумина се решаваа за популарната хроно диета, како начин за брзо топење на вишокот на килограми, денес светот го освојува кетогената, односно кето диета, за чии резултати јавно проговорија голем број на Холивудски ѕвезди.

Хали Бери, Ким Кардашијан, Гвинет Палтроу, Адриана Лима, Меган Фокс и многу други познати убавици се презадоволни од брзото слабеење со помош на кето исхраната, но и со позитивните промени кои ги почувствувале само неколку недели по започнувањето на диетата. Зголемување на енергијата, намалување на акните и поздрав изглед на кожата, подобрување на крвниот притисок, се само дел од придобивките од популарната холивудска диета.

Кето диетата е всушност начин на исхрана со високо ниво на масти, умерено ниво на протеини и ниско ниво на јаглехидрати. За време на диетата не се внесуваат доволно јаглехидрати, па затоа телото започнува да ги согорува мастите и да ги користи како енергија.

Она од кое што мора да се откажат сите кои сакаат да ги почувствуваат придобивките од кето диетата е овошјето. Тоа е строго забрането, но исто така забранет е и внес на шеќер, мед, компир и на житни култури. Производи од пченка, пченица, ориз и слично не се дозволени додека се држи диетата.

Во дозволени производи спаѓаат јајцата, местото (телешко, пилешко, јагнешко), сирење, салата, брокула, карфиол и јатки и семиња.

Околу тоа како изгледа еден ден со мени со кето диета, според Хали Бери, појадокот најчесто и се состоел од две јајца, варени или пак омлет со спанаќ или печурки.
За ручек се препорачува оброк од риба, туна или печен лосос со салата, односно домати, краставица или пак брокули.

Вечерата најчесто се состоела од околу 100 грама месо, телешко, пилешко или јагнешко, сервирано со модар патлиџан или тиквички приготвени на скара, или пак салата од марула.

Помеѓу оброците е забрането внесување на храна, грицките се сосема исфрлени од менито, како и газираните и овошните сокови. Како ужина дозволени се семките од сончоглед, јатки од ореви или бадеми, во мали количини.

Кето диетата се препорачува од страна на нутриционистите за брзо и здраво губење на килограмите, но сепак експертите предупредуваат дека во првите неколку денови од започнувањето на режимот на исхрана можно е чувството на замор, глад и исцрпеност. Симптомите се повлекувале по околу една недела, додека телото да се привикне на новиот режим на исхрана.

Вики Клинчарова

Поврзани новости