Обвинителите во Њујорк ја обвинија музичката ѕвезда Шон „Диди“ Комбс дека се обидува од затворот да манипулира со потенцијалните сведоци и јавното мислење за да влијае на поротниците во претстојното судење за трговија со луѓе.
Овие тврдења се во поднесокот до федералниот суд во Менхетен, со кое се бара да се отфрли неговото последно барање за кауција од 50 милиони долари, пишува ABC News.
Според обвинителите, Комбс телефонирал од затвор барајќи од членовите на семејството да контактираат со потенцијалните жртви и сведоци и да измислат приказни што ќе го поколебаат јавното мислење и потенцијалните поротници.
„Обвинетиот повеќепати покажа, дури и додека е во притвор, дека не ги почитува правилата и се обидува незаконски да влијае на исходот на неговиот случај. Затоа, тој не може да се смета за лице на кое може да му се верува дека ќе исполни какви било услови за кауција“ стои во поднесокот на обвинителството.
Судиите веќе утврдија дека тој е опасност за заедницата и дека постои ризик за бегство, поради што неговите претходни барања за кауција беа одбиени.
Неговиот правен тим сега поднесе барање за кауција по трет пат, тврдејќи дека се појавиле нови докази кои го оправдуваат неговото ослободување како подготовка за судењето закажано за 5 мај.
Сепак, обвинителите тврдат дека овие наводни „нови докази“ се веќе познати.
Според обвинителите, Комбс ги следел анализите на социјалните мрежи од затвор и давал инструкции како дополнително да се влијае на публиката.
„Обвинетиот континуирано се обидуваше да го наруши интегритетот на овој процес, вклучително и контактирање со потенцијални сведоци и жртви кои би можеле да дадат клучни изјави против него“, се заклучува во извештајот на обвинителството.
Адвокатите на Комбс не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Комбс е во притвор од септември, откако беше обвинет дека со години со помош на соработници злоставувал жени, употребил насилство, уцени, па дури и киднапирања и подметнување пожари за да ги замолчи.
Тој ги отфрли сите обвинувања.