Лидерката на десничарската партија „Fratelli d’Italia“ (Браќа на Италија), Џорџија Мелони, во денеска објавено интервју вели дека е подготвена за највисоката функција во Италија, бидејќи земјата бележи неизвесен курс по оставка на премиерот Марио Драги, јави ДПА.
Партијата на Мелони води во анкетите за изборите во Италија закажани за 25 септември, што предизвикува стравувања дека десничарските, евроскептични партии би можеле да дојдат на власт во третата по големина економија во еврозоната.
-Кој ќе добие најмногу гласови на парламентарните избори ќе се всели во владината палата, соопшти 45-годишната лидерка за весникот „Ла Стампа“.
„Јас сум подготвена. Fratelli d’Italia се исто така подготвени“, кажа таа.
Коалицијата предводена од Мелони може во новата влада да ја вклучи партијата „Форца Италија“ на поранешниот премиер Силвио Берлускони, и десничарската партија „Лига“ на Матео Салвини.