При изборот на Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија во јули 2019 година клучна беше поддршката на 14-те европратениците од италијанското Движење Пет ѕвезди, благодарение на кои таа доби 383 гласа или девет повеќе од неопходните 374, додека против нејзиниот избор гласаа 327 пратеници.
Иако Фон дер Лајен се уште официјално не потврдила дека има амбиции за втор мандат на сегашната функција, за нејзиниот евентуален реизбор клучна улога одново би можела да одигра Италија, и тоа овој пат, нејзината премиерка Џорџа Мелони, која за возврат најверојатно би барала една од клучните позиции во ЕУ за нејзината политичка групација Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Според професорот од италијанската Национална академија „Линчеи“, Џанфранко Паскино, Мелони не би ја чинело ништо доколку ја поддржи Фон дер Лајен, а за возврат би можела да ги зајакне својата позиција и влијание во ЕУ.
Дополнително, ако сака да ја оствари своја цел следниот италијански еврокомесар да биде од редовите на нејзината партија Браќата на Италија (ФДИ) и да биде прифатен од идниот претседател на ЕК, би било пожелно Мелони да го поддржи неговиот или нејзиниот избор во Европскиот парламент.
Доколку се остварат прогнозите за резултатите на јунските европски избори, Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) би можеле да бидат четврта по бројност политичка групација во Европарламентот, пред либералите. Во такви услови, ЕЦР би можела да бара за себе една од водечките функции во ЕУ, кои досега традиционално се делеа меѓу трите водечки групации, Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералите.
Во моментов ЕПП држи две функции – претседателките на Европската комисија и на Европарламентот (Фон дер Лајен и Роберта Мецола), СД – високиот претставник на ЕК за надворешна политика и безбедност (Жосеп Борел), а либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) – претседателот на Советот на ЕУ (Шарл Мишел).