Велика Британија го подигна степенот на тревога поради новата варијанта Омикрон, а премиерот Борис Џонсон вчера вечер ѝ се обрати на јавноста.
-Никој не треба да се сомнева во тоа дека ни пристигнува силен бран на омикрон. Се плашам дека сега е јасно дека две дози вакцина едноставно не се доволни за нивото на заштита што ни е потребна на сите.
Веднаш примете бустер доза од вакцината. Секој на возраст над 18 години во Англија ќе добие шанса да прими бустер доза пред Нова година. Секое возрасно лице во Англија од утре може да прими бустер доза доколку ја примил втората доза пред повеќе од три месеци, изјави британскиот премиер.
Здравствените власти во Велика Британија во неделата соопштија дека го подигнуваат степенот на тревога за ковид поради брзото ширење на инфекцијата со омикрон варијантата на коронавирусот.
Степенот на тревога се подига од трето на четврто ниво, што е второ највисоко ниво и значи дека „пренесувањето на вирусот е засилено и дека притисокот врз здравствените служби е општ и висок или дека е во пораст“.