Британскиот премиер, Борис Џонсон вчера за последен пат се обрати пред парламентот како лидер на земјата, а својот говор пред пратениците го заврши со познатата реплика на Арнолд Шварценегер, од филмот „Терминатор 2“ „Хаста ла виста, бејби“.
-Ние помогнавме, јас помогнав, оваа земја да се справи со пандемијата и ја спасивме Британија од варварството. Искрено, мислам дека ова е доволно за крај. Мисијата воглавно е успешна. Сакам да им се заблагодарам на сите присутни и хаста ла виста, бејби!, изјави Џонсон.
Мнозинството претставници на неговата конзервативна партија одговорија со громогласен аплауз.
Пред само две недели, некои од оние кои денеска гласно аплаудираа, поднесоа оставка од кабинетот на Џонсон, критикувајќи го неговото раководство и барајќи тој да се повлече. Новинарите кои известуваа од парламентот рекоа дека претходничката на Џонсон, Тереза Меј, не станала и не аплаудирала.
На аплаузот не им се придружија и претставниците на опозицијата кои го искористија актуелниот премиер повикувајќи го на одговорност за политиките што ги спроведувал, од сè уште незавршениот Брегзит до неговиот одговор на зголемените трошоци за живот.
Џонсон беше принуден да поднесе оставка претходно во јули по бунтот на многу негови сопартијци кои рекоа дека серија скандали ја поткопале неговата способност да ја води земјата по три турбулентни години на власт.