Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека неговата земја целосно ќе ги замрзне средствата на сите големи руски банки и дека тоа ќе бидат „најголемите и најстрогите економски санкции кои Русија некогаш ги видела“.
Тој го претстави пакетот „остри“ санкции против Русија, насочени кон банки, членовите на потесното опкружување на претседателот Владимир Путин и екстремно богатите Руси со имот во Велика Британија. Западните земји го координираат воведувањето остри санкции против Русија поради инвазијата врз Украина.
„Овој одвратен варварски потфат на Владимир Путин мора да заврши неуспешно“, изјави британскиот премиер во парламентот за време на презентацијата на новите санкции.
Владата најави дека ќе ги замрзне средствата на некои големи руски банки, вклучувајќи ја и државната ВТБ банка, која е втора по големина во Русија, и ќе оневозможи големите руски компании да собираат капитал во Британија.
„Генерално, ќе воведеме замрзнување на имотот на повеќе од 100 нови ентитети и поединци, покрај стотиците што веќе ги објавивме“.
Од распадот на Советскиот Сојуз, финансискиот пазар во Лондон е омилена дестинација за руските компании.
Велика Британија, исто така, ќе воведе закон за ограничување на депозитите што руските граѓани можат да ги чуваат на банкарски сметки. Предвидена е и законска забрана за извоз на широк спектар на високотехнолошки производи во Русија.
Британската влада планира да формира нова единица на Националната агенција за криминал, која треба да ги спречи руските олигарси да ги избегнат санкциите.
Руските авиони на Аерофлот нема да можат да слетуваат на британските аеродроми, а ќе бидат воведени санкции за руските пратеници кои гласаа за признавање на сепаратистичките републики во источна Украина.