Џонсон останува на чело на Конзервативната партија

by fokus

Пратениците од британската Конзервативна партија денеска изгласаа доверба за нивниот лидер Борис Џонсон, јави Би-Би-Си.

Вкупно 211 пратеници гласаа Џонсон да остане на чело на партијата. Против беа 148 пратеници.

За заминувањето на Џонсон беа потребни гласовите на мнозинството пратеници од конзервативците, 180. Доколку тоа се случеше, ќе следуваа избори за ново партиско раководство, а тоа ќе значеше и смена од премиерската функција.

Би-Би-Си, повикувајќи се на свои извори јави дека пред гласањето, Џонсон им се обратил на пратениците од Конзервативната партија и им ветил дека „повторно ќе ги води до победа“ и предупредил да не влегуваат во „бесмислена братоубиствена дебата“ за иднината на Конзервативната партија.

Тој, исто така, ги повикал пратениците „да одбијат да ги задоволат нашите противници со тоа што самите ќе се предадат“. Висок партиски извор рече дека премиерот добил голем аплауз кога рекол дека не треба да „танцуваат како што свират медиумите“.

Добивањето на денешната поддршка значи и дека тој не може да се соочи со уште едно гласање за доверба најмалку една година.

Поврзани новости