Британскиот премиер Борис Џонсон го назначи Стјуарт Пич за специјален претставник за Западен Балкан како дел од континуираната посветеност на Обединетото Кралство на стабилноста и просперитетот во регионот, соопшти британската Амбасада во земјава.
Оваа улога тој ја презема по повлекувањето од функцијата претседавач со Воениот комитет на НАТО на почетокот на оваа година, што ја извршуваше од 2018 година, а претходно беше началник на Генералштабот на Обединетото Кралство.
Како што се наведува во соопштението, како специјален претставник на премиерот за регионот кој ги вклучува Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан и други претставници од регионот.
Неговата работа, исто така, ќе вклучува промовирање на силни демократски институции и отворени општества, помагање во справувањето со сериозниот и организиран криминал и други заеднички безбедносни предизвици, како и поддршка во решавањето на наследените прашања како што се воените злосторства и исчезнатите лица.
Премиерот Џонсон рече дека Обединетото Кралство е длабоко посветено на европската безбедност, а Западниот Балкан, според него, е најголемата закана по неговата стабилност и безбедност во повеќе од две децении.