Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека НАТО не е разнишан во посветеноста да ги штити своите членки.
– Историјата покажала дека мирот не може да се зема здраво за готово и додека ја прославуваме оваа годишнина мораме да сме сигурни дека нашите дела одговараат на нашите зборови, истакна Џонсон на Самитот на НАТО во Лондон.
Тој посочи дека Северноатлантската алијанса не треба да ги избегнува разговорите за „новите реалности, посебно одговорот на НАТО на новите закани, како што е хибридната војна и технолошкото попречување“.
Лидерите на НАТО денеска се обидоа да ги надминат несогласувањата истакнувајќи дека остануваат обединети за безбедносните прашања и се одлучни да се бранат едни со други.
– Јасно е дека е многу важно Алијансата да остане заедно, бидејќи има многу повеќе работи што не обединуваат отколку што не раздвојуваат… НАТО е успешно поради едноставниот концепт… Суштината е во ветувањето дека ќе застанеме во одбрана едни за други, сите за еден, еден за сите, потенцира Џонсон.