Џонсон: Доверливиот владин документ за Брегзит е глупост

by Fokus

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека доверливиот владин документ во кој детално се посочува дека во договорот за Брегзит, што тој го преговараше, ќе постојат царински контроли меѓу Северна Ирска и Велика Британија, а кој во меѓувреме го добила и опозициската Лабуристичка партија, е „глупост“.

На прашање за царините, прописите и правилата за потеклото на стоките и контролата меѓу Северна Ирска и Велика Британија, наведени во документот, Џонсон кажа дека не го видел документот за кој се зборува и дека тоа е целосна глупост, пренесоа британските медиуми.

Врз основа на договорот што го имаме, можеме да излеземе како Велика Британија во целина, рече Џонсон.

Според наводите на неименуван владин извор, документот што протече во јавноста, а кој опозицијата го искористи за напад на договорот за Брегзит што го постигна владеачката Конзервативна партија, го пишувал млад државен службеник и бил само почетна проценка и не бил официјално одобрен.

Британскиот лидер на опозициските лабуристи Џереми Корбин изјави дека имал увид во доверливиот извештај на владата во кој стои дека постојат царински контроли меѓу Северна Ирска и Велика Британија врз основа на договор за Брегзит што го преговараше премиерот Борис Џонсон.

Поврзани новости