Џонсон доби поддршка од парламентот за спорниот закон за Брегзит

by Fokus

Британската Влада синоќа доби поддршка од Парламентот за спорниот закон за внатрешен пазар, со кој се кршат одредбите на Договорот за излегување на Велика Британија од Европската Унија.

Во второто читање „за“ предлог-законот гласаа 340 пратеници, а 263 се изјаснија „против“.

Сега следи четиридневна расправа за законот, а потоа Парламентот треба да се изјасни за неговите најспорни точки.

Претходно, Парламентот го одби амандманот на Лабуристичката партија, со кој се отфрла предлог законот бидејќи го крши меѓународното право. Поголем број пратеници, вклучително и пет поранешни премиери оценија дека кршењето на меѓународното право ќе и наштети на угледот на Велика Британија.

ЕУ истакна дека таквиот закон ќе доведе до прекин на трговските преговори и Брегзит без договор, а тоа ќе биде проследено со сите негативни последици.

Од друга страна премиерот Борис Џонсон тврди дека е нужно да се спротивстават на „апсурдните“ закани од Брисел, покрај другото и да се подигне бариера помеѓу Северна Ирска и да се воведе блокада на трговијата со храна.

– ЕУ се уште не го тргнала пиштолот од маса. Тоа што ние сега не можеме да го толерираме е ситуацијата во која нашите соговорници од ЕУ сериозно веруваат дека имаат моќ да ја растурат нашата земја, истакна Џонсон пред гласањето во Парламентот.

ЕУ бара Велика Британија до крајот на септември да се откаже од главните точки на законот, а ако тоа не го направи, нема да има трговски договор до крајот на годината, кога истекува преодниот период за Брегзит, што ќе ја погоди целата трговија од автомобилски делови до храна.

Брисел исто така ја предупреди Велика Британија дека ќе ја тужи ако и понатаму инсистира на нацрт законот, за кој ЕУ тврди дека може да го доведе во опасност и мировниот договор со Северна Ирска.

Според протоколот за Ирска/Северна Ирска кој е вклучен во Договорот за излегување од ЕУ, Велика Британија треба да продолжи да ги применува царинските правила на Унијата по завршувањето на преодниот период за да се избегне контролата на границата со Република Ирска, која е членка на ЕУ.

Тоа значи дека ќе се проверува стоката која патува помеѓу Северна Ирска и Велика Британија, што според британската Влада ќе резултира со граница во Ирско Море. Преодниот рок истекува на 31 декември годинава.

Поврзани новости