Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека Велика Британија заклучила дека Иран е одговорен за нападите на нафтените постројки во Саудиска Арабија и дека Лондон ќе размисли за учеството во американскиот проект за зајакнување на одбранбените капацитети на ултраконзервативното заливско кралство.
Џонсон, сепак, додаде дека и Велика Британија со сојузниците ќе работи на „деескалација“ на напнатоста на Блискиот исток, која е во пораст откако на 14 септември дронови и ракети го нападнаа нафтеното поле и најголемата светска рафинерија на нафта.
Велика Британија досега никого не обвини за тој напад. Ријад и Вашингтон тврдат дека е одговорен Иран.
Британскиот премиер на новинарите со кои патува во Њујорк на седницата на Генералното собрание на ОН синоќа им изјави дека сега „Велика Британија со голем степен на веројатност го смета Иран за одговорен“.
– Ќе работиме со нашите американски и европски пријатели на одговор што би се обидел да ја деескалира напнатоста во регионот на Заливот, рече Џонсон.
Тој додаде дека ќе разговара и со иранскиот претседател Хасан Рохани.