Холивудскиот актер Џони Деп (58) и неговата поранешна сопруга, актерката Амбер Херд (36) веќе подолг период се главни ѕвезди во судскиот процес кој го следи светската јавност, а кој се одвива во судот Фаирфакс во Вирџинија.
Џони ја тужи Амбер поради текст кој се објави во Вашингтон Пост, во кој таа тврдеше дека била жртва на семејно насилство, без да го спомне неговото име, и бара оштета од 50 милиони долари, додека пак таа му возврати со противтужба, бидејќи сметала дека тој сака да ја замолчи и заплаши, и бара оштета од 100 милиони долари.
Нивните сведочења и меѓусебни обвинувања, кои се одвиваат пред очите на целиот свет се од бизарни, до вознемирувачки, со детали за насилство и изживување, со што се фрли темна дамка врз севкупната слика која ја граделе за себе во текот на годините минати пред камерите.
Како од љубов од соништата, парот дојде до ситуација во која и двајцата актери се доведоа во состојба да служат за потсмев на целиот свет?
Џони Деп, чие вистинско име е Џон Кристофер, и стана познат на јавноста во далечната 1984 година, кога започна да се појавува на филмското платно, а големиот пресврт му се случил кога тогашната сопруга Лори Ани Алисон го запознала со актерот Николас Кејџ, кој го забележал неговиот талент.
По две години брак тој и Алисон се разведоа, а актерот започна да добива позабележителни улоги, но и да привлекува внимание со своите бурни љубовни врски со познати жени од светот на филмот и модата.
Во 1998 година неговиот живот тргнал во еден помирен правец, кога ја запознал француската актерка и пејачка Ванеса Парадис, со која започнал да живее заедно во Франција, и од врската ги добиле ќерката Лили-Роуз Мелоди Деп и синот Џон Џек Кристофер Деп III. Парот имал мирен живот во семејниот дом во Мејдон, во близина на Париз, но и во вилата во близина на Сент Тропе, каде актерот одгледувал грозје.
По околу 14 години љубов, Ванеса и Џони се разделија, и тоа набргу откако парот решил да се пресели во Америка поради работните обврски на Деп, кој стана еден од најангажираните актери. Подоцна, во интервјуа за американските медиуми, тој откри дека ја започнал својата врска со колешката Амбер, уште додека бил заедно со Ванеса, и не криеше дека се работи за голема љубов.
Се венчаа во 2015 година, а светот го обиколија фотографии од венчавката во Лос Ангелес, од свадбената забава на неговиот приватен остров на Бахамите, од скапиот дијамантски прстен… Редовно се објавуваа нивни изјави и фотографии кои изобилуваа со љубов, па јавноста се изненади од веста дека парот кој пропагираше идилична врска, се разведува само по една година брак.
Првично, соопштија дека се разведуваат поради ненадминливи разлики, а потоа се објави веста дека проблемите им започнале кога Џони ја донел неговата мајка Бет Сју Палмер да живее со нив во Лос Ангелес, бидејќи таа често раскажувала како Амбер го искористува поради слава и пари.
Само три дена по смртта на мајката на актерот, Амбер ги поднела документите за развод.
Уште тогаш се пишуваше дека парот немал предбрачен договор, а богатството на Деп беше проценето на над 400 милиони долари.
Во меѓувреме, додека се одвива скандалозното судење на деценијата, како што го опишаа американските медиуми, Деп при својата посета во Србија пред неколку месеци најави дека сака да добие српско државјанство и веќе разгледувал имоти во близина на Белград. Амбер пак, лани во април ја доби својата ќерка Уна Пејџ, преку сурогат мајчинство, и порача дека таа е почеток на остатокот на нејзиниот живот.
Вики Клинчарова