На големата сцена на Античкиот театар во Охрид вчеравечер во рамките на 63. „Охридско лето“ настапи славниот американски актер Џон Малкович во театарската претстава „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“.
Брилијантната и долгоочекувана изведба на славниот Малкович предизвика бурни овации кај публиката и сигурно ќе остане настан за паметење кој понуди магичен амбиент и уникатност, збогатувајќи ја реномираната фестивалска историја на „Охридско лето“.
Во авторство и во режија на Михаел Штурмингер, ова уметничко остварување, музички придружено од сопранистките Чен Реис и Сузан Лангбеј и Оркестарот на Виенската академија, ја спои класичната музика со драмската уметност и актерството.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја проследи вчерашната претстава и рече дека ова е редок спектакл, а впечатоците од сценската изведба кај публиката се незаборавни и тоа очекувано ја потврдува уметничката големина на Малкович преку неговата маестрална глума.
Од „охридско лето“ се заблагодарија на амбасадата на САД во Македонија, до Министерството за култура и до сите помагатели на фестивалот за исклучителната можност да уживаат во проектот со светски познатиот актер Џон Малкович.
Заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мејер, кажа дека една од најважните движечки сили на меѓусебната врска на САД и Северна Македонија е живата улога на културата која ги збогатува нашите заеднички цели.
„Ви благодарам за честа и можноста што ми ја дадовте да најавам голема симбиоза на два многу важни културни ентитети овде, во Охрид. Од една страна, овој неверојатен Антички театар во кој се наоѓаме, сцената на „Охридско лето“, една од најважните културни знаменитости во Северна Македонија. И од друга страна, американската мегаѕвезда и културна икона, господинот Џон Малкович. Негувањето и зацврстувањето на врските меѓу нашите народи се неопходни за работата што ја вршиме во Американската амбасада, всушност овие врски се толку важни што ги сметаме за столбови на стратегискиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија, заедно со регионалната соработка, одбраната и безбедноста, спроведувањето на законите, трговијата, инвестициите и енергијата “, рече Мејер.