Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев денеска за “Фокус” изјави дека тој не побарал од обвинителството да ја повлече жалбата за притворот на Сашо Мијалков. Тој сега појаснува дека смета дека обвинителката Вилма Русковска направила ненамерна грешка, односно лапсус.
-Ја слушнав изјавата на обвителката Русковска во која истата изнесува своја цитирам “претпоставка”, и притоа ме спомнува, без име и презиме туку како “претседател на судот”. Верувам дека станува збор за грешка во изразувањето т.н. lapsus lingua и веројатно обвинителката мислела на шефот на ЈО Јовески, или пак можеби сите ние не сме ја разбрале што точно (во таа гужва) обвинителката сакала да каже, изјави претседателот Џолев за “Фокус”.
Тој додава дека никогаш не влијаел врз судија или обвинител.
-Никогаш не сум влијаел ниту пак сум се обидел да влијаам на обвинител ниту пак на судија, при носењето на обвинителски или судски одлуки. Тоа е апсурдно за мене и недозволиво. Впрочем, обинителите исто како и судиите треба да се независни и самостојни во носењето на одлуките, а доколку некој се обиде да им влијае, потребно е без размислување да го отфрлат таквото влијание.
Од изјавите на обвинителите Јовески и Русковска, кои ги дознав од медиумите, можам само да заклучам дека “жалбата” е повлечена од Јовески, а не од Русковска, така да станува апсурдно-невозможно да влијаам врз Русковска за одлука која што ја носи Јовески, дополнува Џолев.
Неговото име завчера го вмеша шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Русковска.
-Мене колку што ми е познато, а тоа е од разговор со претседателот на Судот и тоа беше во претпладневните часови, самиот претседател замоли да биде повлечена жалбата затоа што и фактички решението до тогаш не беше спроведено, нели се уште беше недостапен обвинетиот Мијалков и да не се губи време да се поднесе нов предлог за определување мерка притвор затоа што првото решение не беше спроведено. Потоа, колку што имам сознаниј,а разговарале и на таа тема со јавниот обвинител Љубомир Јовески, истиот се согласил и така од тие причини тогаш е повлечена жалбата, рече Русковска.
Валентина Вурмо