Проблемите што постојат во судството се заеднички за сите три власти – судската, извршната и законодавната и затоа тие треба и заедно да ги решаваат, смета претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, кој е и актуелен претседател на Здружението на судии на Република Северна Македонија.
Прашан за коментар за најавените реформи и робусната акција во правосудството што ја најави премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на најголемиот суд во државата, според предметите кои се судат во него, рече дека судството е една од најреформираните области во земјава и оти како судии ќе продолжат во тој правец, бидејќи тоа е потребно за владеењето на правото и за правна држава.
“Не сме тука да водиме војни и мислам дека проблемите коишто постојат во судството се заеднички, и на судската, и на извршната, и на законодавната власт. Ќе повторам, заедно треба да ги решаваме и судството во тој правец размислува“, изјави Џолев.