Актуелниот претседател на Кривичниот суд, Иван Џолев е назначен за ВД претседател на Судот на денешната седница на Судскиот совет.
Џолев бил меѓу судиите со највисока оценка во однос на останатите судии, а ист број бодови со него имале судиите Ивица Стефановски и Пајазит Пајазити. Но, како што објаснуваат од Судски совет, Џолев бил назначен заради континуитетот во работата и затоа што судот под негово водство спаѓа во листата ажурни судови.
–Судскиот совет постапи според членот 89 од Законот за судовите во кој е наведено: „Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Северна Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови. Значи, Судскиот совет не избра претседател, туку определи, согласно законот, вршител на должноста претседател на Основен Кривичен суд, вели за Фокус, портпаролот на Судски совет, Љубиша Арсиќ.
Оглас за избор на претседател на Кривичен не бил распишан поради локалните избори, а мандатот на Џолев истекол додека траела кампањата за локалните избори.
–Законот вели дека оглас за избор на претседател на суд се распишува 60 дена пред истекот на мандатот, но овие 60 дена се погодија во кампањата на локални избори. Локалните избори беа закажани на почетокот на август, а имајќи ја предвид препорката на Антикорупциската комисија, дека Судскиот совет не смее да избира и разрешува судии за време на изборна кампања, едноставно не можеше да се распише оглас за избор на претседател, објаснува Арсиќ.
Судскиот совет најавува дека во блиска иднина ќе биде објавен оглас за избор на претседател на Основен кривичен суд, како и на други три основни судови, Тетово, Куманово и Ресен.
Ф.Ф.С.
Власта врши притисок Иван Џолев да биде назначен за ВД претседател, обвинува ВМРО-ДПМНЕ