Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев сѐ уште не добил официјална покана да членува во Советот за судските реформи, во кој како што неодамна најави премиерот Зоран Заев ќе членуваат претседателите на судовите, како и претседателот на Судскиот совет.
-Информацијата ја слушнав од медиумите, но официјална покана не сум добил. Доколку ме повикаат, секако дека ќе прифатам, истакна Џолев на денешниот брифинг.
Дел од јавноста реагираше на информацијата дека во овој совет ќе бидат и актуелниот претседател на Судскиот совет, Зоран Караџовски, како и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој го имаше во „бомбите“ кои ги објави опозицијата, па на прашањето на новинарите дали ќе може да седне на иста маса со луѓето кои го уназадија судството, Џолев одговори дека тој не ги бирал членовите на Советот.
Сепак, како што неодамна појасни премиерот Заев, членовите на овој совет не се бирани според личноста, туку по функција.
-Значи, одиме во делот на поставување на функциите, претседатели, претседатели на судови, претседатели на обвинителства и слично. За мене, почнувајќи од Зоран Заев па до кој било функциониер, се е минливо и менливо, така што не гледаме на самите личности. Еве на пример, апелација Скопје има претседател кој е на крајот на својот мандат, но одиме со Апелација, ние не знаеме дали ќе биде сегашниот претседател и колку неговиот мандат ќе опстои или ќе дојде нов. Не се водиме од името и презимето на личностите коишто ги водат институциите и Врховниот суд во еден ваков совет не смее да биде незастапен, така што верувам дека играјќи со позициите, на крајот треба да има коректив и внатре и ова треба да ги даде најдобрите можни решенија во интерес на граѓаните и на правосудството во Македонија, појасни неодамна Заев.