Судијата Иван Џолев едногласно беше избран за претседател на Кривичниот суд каде се судат најголемите корупциски случаи во кои се вмешани и поранешни и сегашни функционери.
Судскиот совет му даде втор мандат да раководи со судот оти покажал одлични резултати во раководењето со судот кој за време на неговиот прв мандат бил ажурен и транспарентен.
Тој е оценет со 200 бода и бил единствен пријавен кандидат за претседател на Кривичен.
Џолев е избран за судија во 2008 година, а првиот мандат како претседател на Основниот кривичен суд Скопје го доби во 2017 година.
Четири години беше претседател на Кривичен, а една година вршител на должност.
По вторпат, исто така, беше избрана и Емел Кранли Али,за претседателка на Основниот суд во Ресен.
Освен во Скопје и Ресен, на денешната седница треба да се изберат претседатели на Основните судови во Тетово и Виница.
Судии на денешната седница треба да се бираат и за Апелациониот суд во Гостивар, како и Кривичните судови во Скопје и Штип.
Во моментов, седницата е прекината поради немање струја во просториите на Судскиот совет.