Да престане да се вперува прстот во судството, се манипулира со бројки дека судењата траеле седум, осум, девет години, апелираше претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев по изјавите на дел од претставниците на власта дека токму неефикасното судство е причина за застарувањето на голем број на предметите во коишто им се судеше на поранешни високи функционери, меѓу кои и за масовното прислушување, а не измените на Кривичниот законик кои власта ги донесе експресно.
-Првиот предмет на Специјалното јавно обвинителство е процесуиран во 2018 година. Математиката е дека од тогаш поминале пет години и шест месеци, а не седум, осум, девет години. За најголем дел од тие предмети имало барем по една првостепена пресуда во Кривичниот суд, а за неколку и по две, рече Џолев, споменувајќи ги „Титаник 2“, „Титаник 3“, „Тревник“, кои беа враќани од Апелација па пак судени во првостепена постапка.
Според претседателот,треба да се има предвид и што во овој период од пет и пол години, две години имаше ковид-пандемија и голем дел од судењета се одлужуваа бидејќи некој од странките беше заразен со корона.
Во овие години тој го вбројува и периодот од една година и три месеци кога поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева беше во притвор и кога оваа институција немаше овластен потписник, а потоа и згаснувањето на СЈО и преминувањето на предметите во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Ако се одземе ковид-пандемијата и притворот на Јанева, според Џолев, остануваат некаде две и пол години ефективно судење. Не се согласува дека предметите долго се суделе иако вели дека секако можело и подобро. Го спомена и второстепениот суд, Апелација кој голем дел од предметите ги враќаше на повторно судење и тоа што не одлучуваше мериторно, односно наместо да ги враќа, не носеше конечна одлука.
Освен тоа што Апелација не одлучувала мериторно, голем број од предметите ги држела со месеци, па и со години, па така, според судската статистика, предметот за „Организаторите на 27 април“ бил во Апелација една година и три месеци, предметот „Топлик“ кој вчера беше вратен на повторно судење бил една година во Апелација, а „Меѓународен сојуз“ или „Рекет 2“, се уште е таму од 23 ноември 2022 година. Притоа овој суд нема рокови за одлучување.
Според него, токму измените на Кривичниот законик се главен проблем за застарувањето на предметите, а она што најмногу фалело според него, е да се изанализира тајмингот кога тие измени требало да се случат, односно дали требаше да се случат во перид кога ќе застарат голем дел од предметите кои беа во финална фаза.
Конретно за измените, кажа дека и обвинителството и судските авторитети веќе се произнеле и протолкувале дека овие измени се упад во судскиот систе.
Според статистиката на Кривичниот суд, таму се водат вкупно 36 предмети со вкупно 197 обвинители лица на кои им се суди по членот 353 кој со новите измени беше избришан.
Најмногу од обвинетите, 38 се во предметот „Змиско око“ , кој се суди повеќе од една деценија.
Сепак од судот објаснуваат дека тоа не значи дека сите од нив ќе застарат бидејќи се „врзани“ со други дела и ќе зависи од тоа дали обвинителството ќе направи преквалификација.
Вчера премиерот Димитар Ковачевски, но и вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска и претседателот Стево Пендаровски, кажаа дека не измените на Кривичниот законик, туку неефикасното судство довело до застарување на предметите против висока корупција. Ковачевски упати дека одговорите за тоа зошто застареле предметите треба да се бараат кај судиите.
Ф.Ф.С.