Џо Бајден води на анкетите пред Трамп

by fokus

Апсолутен фаворит за победа на претседателска трка во САД следната година е поранешниот американски потпретседател Џо Бајден, покажуваат резултатите од најновата анкета на „Фокс Њуз“.

Истражувањето покажува дека Бајден, кој се јавува како кандидат од демократите, би добил 49 отсто од гласовите ако изборите се одржат сега, а не идната година во ноември, додека актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп 38 проценти.

Според анкетата, победа над Трамп со разлика од процентни поени (46 наспроти 41 отсто) би извојувал и сенаторот Берни Сандерс, доколку тој биде претседателски кандидат на демократите.

Демократската сенаторка од Масачусетс, Елизабет Ворен, исто има предност пред Трамп во анкетата и за неа би гласале два процентни поени повеќе избирачи отколку за актуелниот претседател. Сенатората од Калифорнија, Камала Харис, пак, би добила ист број гласови како и Трамп.

Својата претседателска кандидатура Бајден официјално ја најави вчера на митинг во Филаделфија, каде ќе биде лоциран штабот на неговата кампања. Главната метропола на сојузната држава Пенсилванија е неслучајно избрана од кампањата на Бајден, бидејќи во 1776 година тука била донесена Декларацијата за независност на САД.

Бајден вчера настапи со главните тези во неговата предизборна кампања, кои како што рече, се базирани на принципите за еднаквост на кои се повикува Декларацијата. Според него, Декларацијата за независност „соопштува вистини што се подразбираат самите по себе“.

– Тие зборови го формулираа американското кредо. Еднаквост. Правда. Законитост. Америка ги нема исполнето тие ветувања за голем дел од својот народ, како црнците и жените, порача Бајден на митингот.

Поврзани новости