Кинескиот претседател Си Џинпинг најверојатно нема да присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп следниот месец, и покрај тоа што добил лична покана од Трамп по денот на изборите, пишува Newsweek.
Амбасадорот на Кина во САД и неговата сопруга се очекува да го претставуваат Пекинг на настанот на 20 јануари, во согласност со стандардниот дипломатски протокол. На делегацијата би можеле да и се придружат и други кинески претставници, но не и претседателот.
Кинеската амбасада во Вашингтон и тимот на Трамп не сакаа да ја коментираат одлуката на претседателот.
Џинпинг, како претседател на Народна Република Кина и генерален секретар на Кинеската комунистичка партија (ККП), често е во центарот на глобалното внимание. Тој е познат по концептот на кинескиот сон, кој се однесува на враќање на националната гордост и постигнување економска и политичка доминација и борба против корупцијата. Неговото владеење е обележано со истовремен економски раст и растечки авторитаризам, што значително влијае на Кина и на светот.
Трамп ја упати поканата до кинескиот претседател и покрај неодамнешната најава дека има намера да воведе високи царини за кинески стоки, повеќе од 25 проценти што планира да ги воведе на Мексико и на Канада. Царините за Мексико и за Канада се дизајнирани да ја запрат илегалната миграција и шверцот на фентанил во САД. Идната портпаролка на Трамп, Керолин Левит, изјави дека повикот е пример за тоа како претседателот Трамп воспоставува отворен дијалог со лидерите на сите земји, не само со оние кои се сојузници на Америка, туку и противници или конкуренти.