Џинпинг до Путин: „Кина е подготвена заеднички да го постигне развојот на двете земји, да соработува во одржувањето на правдата во светот“

by Fokus

Кинескиот претседател Си Џинпинг на средбата со неговиот руски колега Владимир Путин најави соработка за „оживување“ на двете земји, посочувајќи дека Пекинг „секогаш ќе биде добар партнер“ на Русија, а рускиот претседател му рекол на својот кинески колега дека нивната соработка е фактор на стабилност.

Путин денеска пристигна во дводневна посета на Кина, при што со Џинпинг, меѓу другото, ќе разговара и за ситуацијата во Украина и Азија, енергетиката и трговијата.

„Односите меѓу Кина и Русија тешко се стекнати, па затоа двете страни мора тоа да го ценат и негуваат“, му рекол Си на Путин во Пекинг.

„Кина е подготвена заеднички да го постигне развојот и заживувањето на нашите две земји и да соработува во одржувањето на чесноста и правдата во светот“, додаде кинескиот лидер.

Кина и Русија прогласија „неограничено“ партнерство во Пекинг во февруари 2022 година, неколку дена пред Путин да испрати десетици илјади војници во Украина, со што ќе започне најкрвавиот конфликт во Европа од Втората светска војна.

Со изборот на Кина за своето прво патување во странство откако овој месец повторно положи заклетва за шестгодишен претседателски мандат, Путин му испраќа порака на светот за неговите приоритети и силата на неговиот личен однос со Џинпинг, пишува Ројтерс.

„Од клучно значење е односите меѓу Русија и Кина да не бидат опортунистички или насочени против некого“, ги пренесува зборовите на Путин руската агенција РИА.

Поврзани новости