Музичарот и фронтмен на битолската фолк група ,,Молика” Џими Мицевски, не одговори на прашањата на ,,Фокус” дали групата продолжува да функционира и дали ќе ја одржи најавената австралиска турнеја, откако во голем број на медиуми се објави веста дека се разведува со својата втора сопруга, вокалистката на групата, Анета.
-Затворам, жити Господ, беше единственото кое Мицевски ни го кажа по телефон, па јавноста остана пократка за информацијата дали ,,Молика” продолжува да функционира и дали нашите иселеници во Австралија ќе уживаат во настапите на групата, кои беа најавени да започнат на први декември со концерт во Мелбурн, а да завршат на 20-ти јануари 2024 година со настап во Перт.
Иако веќе неколку дена ударна вест во медиумскиот етер е информацијата дека по околу две децении заеднички живот, Анета и Џими се разделиле, досега тие јавно се немаат огласено на темата и ниту ја потврдуваат, ниту пак ја демантираат веста.
Нивната група е доста популарна во земјава, а посебно во дијаспората, и зад себе имаат низа на успешни турнеји во странство. За своите гостувања групата информира на својот официјален профил, и од објавеното се гледа дека последниот настап го одржале пред две недели, во манастир во село Смилево.
Пред тоа, минатиот месец, имале два настапи во Германија, а во мај учествуваа и на Фолк фест Валандово. Инаку, брачниот и музички пар Мицевски кон крајот на 2019 година во Битола го отворија својот ресторан ,,Вила Молика”. Покрај музичката кариера и работата во угостителството, парот има и транспортна компанија. Во 2017 година Џими се најде во центарот на вниманието на јавноста, како еден од обвинетите во случајот ,,Транспортер”.
Тогаш реагираше до ,,Фокус” дека со објавата на веста му била нанесена штета. Кон крајот на минатата година беше донесена пресуда за случајот, и на Мицевски за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда, така што му се утврди казна затвор во траење од две години и истовремено се определи дека утврдената казна затвор нема да се изврши, ако обвинетиот во временски период од пет години по правосилноста на пресудата, не стори ново кривично дело.
Покрај него, казни им беа изречени уште на десеттина лица во случајот, и има конфискација на нелегално стекнати пари, во износ од над пола милион евра, а обвинетите ја злоупотребиле службената положба во врска со организирање на превоз на ученици во Битола. За истиот случај на поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески му беше изречена седум-годишна затворска казна.
Вики Клинчарова