Џими Кимел повторно водител на „Оскарите“

by Fokus

Џими Кимел повторно ќе биде домаќин на доделувањето на „Оскарите“ следната 2023 година, објавија организаторите вчера.

Американската Академија за филмски уметности и науки се надева дека Кимел, познатиот американски комичар и водител, кој беше домаќин на „Оскарите“ во 2017 и 2018 година, ќе помогне да се зголеми гледаноста на ТВ-настанот, по испадот на Вил Смит и шлаканицата врз Крис Рок годинава.

Прикажувањето на престижното доделување годинава на мрежата „Еј-би-си Волт Дизни“, ја забележа втората најниска гледаност во неговата историја, а остана обележана токму по неславната шлаканица.

„Џими е совршен домаќин кој ќе ни помогне да препознаеме неверојатни уметници и филмови на следното 95-то доделување на Оскарите. Љубовта кон филмовите, стручноста за ТВ-пренос во живо и способноста за поврзување со публиката ќе создадат незаборавно искуство за милиони наши гледачи ширум светот“, велат во соопштението директорот на Академијата, Бил Крејмер и претседателката Џенет Јанг.

Свеченоста на доделувањето ќе се одржи на 12 март во „Долби театарот“ во Лос Анџелес, САД.

– Да се ​​биде поканет да биде домаќин на Оскарите по третпат е или голема чест или стапица… Во секој случај, ѝ благодарам на Академијата што ми го постави прашањето толку брзо откако сите добри момци рекоа „не“!, изјави Кимел.

Смит, кој доби „Оскар“ за најдобра машка улога за „Кралот Ричард“, јавно му се извини на Рок помалку од еден час по инцидентот со комичарот. Нему му беше забрането да присуствува на „Оскарите“ 10 години, но сепак има право да биде номиниран и да добие одличје.

Поврзани новости