Меѓу 100 и 200 луѓе загинаа во терористички напад што се случи во градот Барсалого во Буркина Фасо. Меѓу жртвите има цивили и војници, соопштија безбедносни извори.
Вооружени терористички групи вчера извршија напад во Барсалогo, Буркина Фасо, 45 километри северно од градот Каја, додека населението им помагаше на безбедносните сили да копаат ровови за да ги заштитат армиските безбедносни пунктови.
Во тој момент напаѓачите отвориле оган врз нив и убија голем број луѓе, јави денеска Радио Франс Интернационал (РФИ).
Бројот на жртвите на нападот е меѓу 100 и 200 лица, соопштија повеќе безбедносни извори, а неколку војници се водат како исчезнати, додека голем број луѓе се повредени.
Најмалку 140 луѓе се евакуирани во здравствените центри во областа. Напаѓачите одзеле и оружје, како и воена брза помош.
Армијата му нареди на локалното население да ископа ровови за да се забави движењето на терористичките групи, а нападот се случи додека се изведуваа овие работи, изјави локален извор.
Според истиот извор, жителите првично одбиле да учествуваат во работите, поради страв од репресалии од вооружените групи во таа провинција, каде што има многу терористи и нивни соучесници.
Буркина Фасо и соседните Мали и Нигер се борат против бунтот на џихадистите низ африканскиот регион Сахел, кој започна во Мали пред 12 години, пишува Ројтерс.
Трите западноафрикански земји формираа безбедносен пакт минатата година, ветувајќи дека ќе си помагаат во случај на бунт или надворешна агресија.
Воена хунта е на власт во Буркина Фасо од 2022 година, откако го собори претседателот Роко Каборе, го суспендираше Уставот, ги распушти Владата и Националното собрание и ги затвори границите.