Мотото на Македончето е „Земи ми сѐ, само остај ми го чаламот“. Подразбира живеење во супстандардни услови и на рабуш, а правење свадба со 300 гости. Заработување 400 евра, а трошење горе-долу 1.000. Е, како бе? Е, така, бе, Македонче, што да се прави!?
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Што држава и народ ќе се, ако абер немаат да се грижат и да го ценат своето? Ако го прекрстуваат името и менуваат идентитетот, историјата и јазикот? Ако се подлизуваат на современите губернатори, кои без исаф „читаат“ лекции, „солат“ ум и „постројуваат“? Ако гајле немаат за бербатот, запуштеното плато пред Владата и координацијата на министри со албанско знаме?
Заробена држава од лаги и арамилак, која функционира на мафијашки принципи! Држава, како да е подарена, или, уште полошо, на сила дадена. Со изопачен вредносен систем и џган што владее. Галерија од лицемери, пизмаџии, злобници, баксузи, дунстери, токмаци, сеирџии, мрцини, намќори, тамаќари, предавници, мрчатори!
Кај секој народ, свесно или не, длабоко се вкоренети традицијата и менталитетот. Кога се вели „Македонче“, се мисли на одреден архетип за означување на овој деминутив. Во суштина, за иманентен код на доброволно, без присилба од никого, понизно деградирање!
ЧАЛАМОТ НА МАКЕДОНЧЕТО
Дали постои македонски менталитет? Или станува збор за особини што ги поседува секој човек, некој повеќе, некој помалку. Но, се генерализираат неколку најкарактеристични, па се вели: „А, бе, Македонче, што да правиш, што да чиниш, таков му е табиетот“!
Менталитетот се создавал со години по што се формирале одредени карактерни особини. Кај Македончето си остана традиционалното чокајлиство или, народски кажано, правењето на три и пол, па тоа непогрешливо знае кога да р’жи, а кога да квичи. Се задржало и лицемерието, кога Македончето едно зборува, друго мисли, а сосема трето прави.
Сепак, мотото на Македончето е „Земи ми сѐ, само остај ми го чаламот“. Подразбира живеење во супстандардни услови и на рабуш, а правење свадба со 300 гости. Заработување 400 евра, а трошење горе-долу 1.000. Е, како бе? Е, така, бе, Македонче, што да се прави!?
Како нус-продукт на осамостојувањето, најпрофитабилен бизнис стана политиканството. Огромна беља прави џганот со долги и лепливи прсти. Цица од државни јасли и усул нема!
Како се менуваат навиките, верувањата, состојбите, личниот и колективен менталитет? Зошто се случува поголемиот дел од населението во исти ситуации да се однесува на сличен, очекуван начин, па се вели дека менталитетот им е скандинавски, медитерански, балкански? Конечно, зошто македонскиот менталитет исчезнува кога ќе замине и ќе се вработи на туѓина?
Одговорот е едноставен! Промени со подобри понуди! Бизарни примери беа исцртувањето жолта линија на подовите од банките по што веднаш се реши метежот, безредието и недишењето во врат пред шалтерите. Менталитетот се создава и се менува и со соодветни закони и нивна доследна примена. Возачите почнаа да врзуваат ремени во автомобилите, за да не плаќаат глоби.
КОСМОДИСК
Владеењето на законите за Македончето значи „тесна врата во широко поле, низ која поминуваат само будалите“. Шопска поговорка прифатена кај нас од дамнешни времиња!
За божемско спречување на заобиколувањето на „вратата“, мераклиите за пари и рушвет од трите статус кво партии, со алаш вериш го засадуваа „полето“ со севозможни „врати“ и „огради“. Нормално, состојбите не се променуваа, можеби поради немање почва за владеење на правото, или, пак, беше многу плитка, ровка и неплодна?
Се покажа колку е едноставно во сите области незаконското да се трансформира во законско, нелегалното во легално, налудничавото во нормално. Дури, дека е возможно нешто исто ем да биде законски, ем незаконски, во зависност за кого се однесува: политичар или обичен смртник, власт или опозиција, човек со капацитет за „подмачкување“, каде што треба или кокуз кој „нема вода во очи“.
Македонската демократија беше киднапирана уште во нејзините мугри и трансформирана во џганократија. Изопачен систем на меритоцид, т.е. смислено сотрување на најдобрите во општеството, кој функционира триесет и кусур години. Со властодршци од најлош, најнеспособен и најбескрупулозен џган!
Каква е власта, таква е и државата. А, каква е државата, таков е и менталитетот на плебсот. Со фалинки и девијации, кои со текот на времето влегоа во терминална фаза. Апсолутно во право беше еден поранешен претседател на државата, кога тврдеше дека македонската демократија е како космодиск – изгледа шашаво, ама функционира!