Џанлука Вијали итно префрлен во болница

by Fokus

Поранешниот италијански репрезентативец Џанлука Вијали (58) итно e префрлен во болница во Лондон бидејќи неговата здравствена состојба се влошила, пишува „Газета дело Спорт“. Вијали боледува од канцер, кој беше откриен во 2017 година, а веќе помина два круга на хемотерапија.

„По долги и тешки преговори со моите лекари, решив, се надевам привремено, да се повлечам од моите должности во италијанската репрезентација. Целта ми е да ја искористам сета моја физичка и ментална енергија за да му помогнам на моето тело да се опорави во оваа фаза од болест. Се надевам дека ќе се вратам на новите авантури што е можно поскоро“, напиша Вијали на 14 декември.

Вијали имаше одлична играчка кариера. Играше за Кремонезе, Сампдорија, Јувентус и за Челси. Со Јувентус во 1996 година ја освои Лигата на шампионите, а исто така два пати беше шампион на Италија, еднаш со Јувентус и еднаш со Сампдорија. Тој беше и најдобар стрелец на италијанската лига во 1991 година и на Купот на Италија во 1989 година, кога постигна 13 гола во тоа натпреварување.

 

Поврзани новости