Европскиот парламент денеска најави повлекување на правото на дневници за шест дена, што е еднакво на нешто повеќе од 2.000 евра, за бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кој при излегувањето од салата во февруари, направи гест со подадена рака налик на нацистички поздрав.
Санкцијата за европратеникот од Партијата на европските конзервативци и реформисти Ангел Џамбазки ја соопшти претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола пред почетокот на пленарната седница. Таа прецизира дека Џамбазки ќе биде казнет со шест дневници по 338 евра кои Европарламентот им ги плаќа на пратениците како надоместоци, кои меѓу другите трошоци го покриваат престојот во хотел или оброците.
Џамбаски има право на жалба.
На 16 февруари, пратеникот „ја подигна десната рака во гест што беше сфатен како нацистички поздрав додека ја напушташе салата“, епизода што „го наруши достоинството и угледот“ на Парламентот, посочи Мецола.
Инцидентот се случи по интервенција на Џамбазки за време на дебатата во Парламентот за владеењето на правото, а по одлуката на ЕУ да и дозволи на Комисијата да ги скрати средствата на земјите кои не ги почитуваат вредностите и принципите на заедницата. Џамбаски ја нападна таа одлука, која ја припиша на „омраза кон националните држави“ и ја обвини ЕУ дека се обидува да ги „засрами“ Унгарија и Полска.
Откако повика на „долг живот на Орбан, Фидес, Качински, Бугарија и нашата национална држава“, тој додаде: „Да живее Европа, Европа на народите“, за потоа да го направи контроверзниот гест кога се качуваше по скалите во салата.
Џамбазки ги негираше обвинувањата дека упатил нацистички поздрав и рече дека тоа е само гест за збогум.